Култура
Во Белград во организација на здружението Македониум одржана свечена академија на тема: „11 и 23 Октомври во македонската културна историја“
Во Белград вечерва Здружението „Македониум“ одржа свечена академија посветена на значајни датуми од македонската културна и национална историја.
На свечената академија што е одржа во Друштвото на писатели на Србија проф. д-р Славчо Ковилоски од Скопје зборуваше на тема „11 и 23 октомври во македонската културна историја“ нагласувајќи го влијанието на тие два историски датума во нашата историја врз уметноста и книжевноста, како и за процесот на кодификација на македонскиот јазик.
- Во македонската културна историја, односно воопшто во македонската историја, тие датуми ја означуваат финалната етапа на стандардизацијата на македонскиот јазик. Тие два октомвриски датуми функционираат како столбови на националната меморија и го изразуваат континуитетот на борбата од револуционерен идеал до народно-ослободителна војна за ослободување, нагласи Ковилоски.
Во неговото обраќање тој наведе дека тие датуми не се само одделни феномени туку делови од истиот културен наратив што ја обликува македонската национална самосвест. - Овие датуми заедно со 2 август со Илинденското востание и со 8 Септември – независноста на Македонија, претставуваат кажано со јазикот на поетите – врвот на истата планина во македонската историја – 23 Октомври го симболизира почетокот на револуционерната свест, 11 Октомври претставува остварување на таа свест во дело. Заедно го обликуваат идентитетот на македонскиот народ како народ на отпор, народ со сопствено достоинство.
Според него, во македонската културна историја значењето на тие два датума е двојно – историско и духовно.
-Тие датуми не се само споменици на минатото туку активни културни вредности што ја дефинираат сегашноста и ја осветлуваат иднината. Македонската литература ги слави тие денови преку многубројни дела што ја одразуваат борбата и пожртвуваноста на македонските борци. Се истакнуваат темите на храброста, солидарноста и патриотизнмот. Многу автори ги опишуваат славните моменти и трагичните пренесувајќчи ги емотивните состојби на луѓето од тоа време. Поезијата игра значајна улога за 11 Октомври, поетите создаваат дела што ги воспеваат хероите и настаните истакнувајќи ги подвизите и страдањата. Тие дела служат како потсетник за важноста за борбата за слобода и како инспирација за идните генерации.
Тој додаде дека и прозата исто така придонесува за детални приказни што ги опфаќаат личните и колективните искуства на луѓето за време на востанието.
-Романи ги нижат настаните со живиописни детали од тој дел на македонската историја. Тие дела од тоа време не само што јаодразуваат историјата туку и ја инспирираат иднината на Македонија.
Овие два големи македонски празника на борбата за слобода се поттик за македонската историја.
Тој наведе примери од богатиот фонд поетски творби посветени на некои од двата датуми.
Ова е друго предавање за кодификацијата на македонскиот јазик кое здружението Македониум го организира во 2025-тата година, во годинава кога се одбележува 80 години од кодификацијата на македонскиот јазик.
Здружението „Македониум“ ги негува македонската култура, јазикот и традицијата во Белград со цел на зачувување на националниот идентитет и култура.
октомври 30, 2025

