Општини
Нови мурали се изработуваат во Кавадарци
Нови мурали се изработуваат во Кавадарци, информираа попладнево од кабинетот на кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев.
– Во тек е изработка на мурали во Кавадарци, што со својата уметничка визија ќе го пренесат духот на кавадарчани, богатството на Тиквешијата и магијата на „Тиквешкиот гроздобер“. Со секој потег на четката, овие мурали ќе ја оживеат традицијата, радоста и енергијата на локалната заедница, создавајќи визуелен спој помеѓу културата, историјата и современото уметничко изразување, соопштија од кабинетот на Јанчев.
Оттаму додадоа, дека тие не само што ќе ја красат градската средина, туку и ќе станат симбол на идентитетот на Кавадарци.
– Градот на лозарите, виното и плодната почва, место каде традицијата и современоста се спојуваат во една уникатна приказна. Муралите се дизајнирани да инспирираат, да ја активираат локалната заедница и да го пренесат сето богатство на Тиквешијата на сите кои ќе ги видат, локално, национално и интернационално, посочија од градоначалничкиот кабинет.
Притоа подвлекоа дека секоја фигура, боја и мотив се внимателно избрани за да ја раскажат приказната на грозјето, лозјата и празникот на плодот, но и за да ја одразат гордоста, истрајноста и енергијата на луѓето од тиквешкиот регион.
– Овој проект претставува визуелен споменик на културата и заедничкото делување, место што ќе ги привлекува погледите и ќе ја инспирира следната генерација на уметници и жители, споделија од кабинетот на Јанчев.
октомври 30, 2025

