Култура
Белградската претстава „Повеќе од игра“ на фестивалот РУТА во Драмски театар-Скопје
Во рамки на фестивалот РУТА (Регионална унија на театри), вечер на сцената на Драмски театар-Скопје ќе гостува Београдско драмско позориште со претставата „Повеќе од игра” во режија на Иван Вуковиќ, која е адаптација на текстот на Слободан Стојановиќ за истоимената култна ТВ-серија од крајот на 1970-тите години.
„Повеќе од игра“ носи благородна идеја за заедништво и порака дека без оглед на конфликтите и на сите различности и идеолошки спротвставености, мора да преовлада разбирањето за другото и поинаквото. Претставата била драматуршки предизвик поради потребата оригиналното сценарио внимателно да се преобликува во три посебни претстави кои можат да функционираат независно, но и да создаваат обмислена целина кога се гледаат заедно.
Учествуваат 23 актери и тројца музичари (на хармоника, виолина и саксофон). Со сите три дела „Повеќе од игра“ трае шест часа (како на премиерата на матичната сцена на БДП), а вечер ќе трае четири часа ( со пауза). Но и со двата први дела што ќе бидат изведени пред скопската публика, приказната е заокружена, беше соопштено на на прес-конференција во Драмски.

Режисерот Вуковиќ рече дека концептот бил да направи серија во театар, така што за 16 дена, во три последователни саботи, имале три премиери за трите дела, што, рече, било напорно темпо, но и големо задоволство во процесот на подготовка. Претставата потоа ја извеле со сите три дела во траење од шест часа.
-Беше многу возбудливо да играме со таа форма – серија во продолженија во театар, и на сценски јазик да направиме едно магично место, кое и самото е измислено – мало место во Србија каде што работите се чинат ситни, но кои претставуваат микрослика и макрослика на Србија и на светот. И сето тоа го ставивме во театар. Беше големо уживање како го правиме тоа место, како правиме натпревари… Ова е прво гостување надвор од Србија и се радувам да видам како публиката ќе реагира овде, рече Вуковиќ за претставата креирана по текстот на Слободан Стојановиќ што за сцена го адаптирал Ѓорѓе Косиќ.
Сценограф е Марија Калабиќ, костимограф Драгица Лаушевиќ, композитор Ирена Поповиќ-Драговиќ, Маја Калафатиќ е одговорна за сценските движења и Ѓорѓе Марковиќ – за сценскиот говор.
„Повеќе од игра“ е четврта од седумте претстави на програмата на фестивалот РУТА во Драмски театар-Скопје, кој се одржува од 25 до 31 октомври. Во останатите три дена од РУТА ќе бидат изведени и претставите: „Мајки“ на Театар Улисис од Хрватска, „Три милиони минути“ на Местно гледалишче љубљанско и „За цел живот“ на Сарајевски ратни театар-САРТР од Сараево – со која в петок ќе биде затворен фестивалот.
октомври 28, 2025

