Connect with us

Култура

На сцената на МОБ утре повторно „Лилјакот“ од Штраус

По успешната премиера во саботата на оперетата „Лилјакот“ од Јохан Штраус, Националната опера и балет утре на големата сцена ќе го изведе повторно ова ремек дело. 

Диригент е Бисера Чадловска, режијата е на Љупка Јакимовска, сценографијата на Марија Ветероска, а костимографијата на Марија Пупучевска. Кореограф е Саша Евтимова, хор мајстор Јасмина Ѓоргеска, концерт мајстор Верица Ламбевска, а светло-дизајн Милчо Александров.

Во солистичката екипа настапуваат Васко Здравков, Дејан Стоев, Злата Тошевска Димовска, Ана Ројдева, Николина Јаневска, Кристијан Антовски, Невен Силјановски, Марјан Николовски, Јаворка Витанова и Тихомир Јакимовски, заедно со хорот, оркестарот и балетскиот ансамбл на МОБ.

„Лилјакот“ е ремек-дело на „кралот на валцерите“ Јохан Штраус II, создадено во 1874 година.

– Оваа брилијантна оперета претставува маестрална комбинација на љубовни интриги, недоразбирања и комични ситуации, сместени во блескавиот виенски свет на валцери, балови и маскенбали. Штраус со својата непресушна музичка инвентивност и елегантна оркестрација создава партитура исполнета со валцери и арии кои зрачат со духовитост, шарм и живост. „Лилјакот“ е вистинска прослава на радоста, убавината и ведрината на животот – дело што повеќе од еден век ја воодушевува публиката ширум светот и останува вечен симбол на виенскиот шарм и музичката магија, велат од МОБ. 

Маркетинг
Маркетинг
Ad 2
Ad 3
Маркетинг