Општини
Берово доби нов градоначалник и нов состав на Советот на Општината
Општинската изборна комисија во Берово денеска им ги додели уверенијата на новоизбраниот градоначалник и на членовите на Советот на Општина Берово, избрани на локалните избори одржани на 19 октомври.
За нов градоначалник на Берово е избран Петар Ружински, кој во своето обраќање изрази благодарност до граѓаните за укажаната доверба и истакна дека ќе работи во интерес на подобар и поквалитетен живот за сите жители на општината.
– Ќе бидам градоначалник кој ќе работи за сите, со цел развој на Берово како модерен и хуман град, со подобри услови за живеење, образование и развој на туризмот, рече Ружински.
Општинската изборна комисија им ги врачи уверенијата и на новите членови на Советот на Општина Берово. Нови советници се: Владко Шахпаски, Горан Ружински, Емилија Пачемска, Николчо Беќарски, Игорчо Жежовски, Весна Ралповска, Емилија Галабовска Биљарска, Влатко Чукарски, Даниел Черговски, Гоце Ружински, Зоран Багашовски, Тања Шенковска, Лилјана Бојчовски, Маја Тушевска и Илија Цикарски.
Претседателот на Општинската изборна комисија, Драган Страторски, им честиташе на избраните претставници и им посака успешна работа и реализација на што поголем број проекти.
–Благодарност до сите членови на комисијата, избирачките одбори, домашните и меѓународните набљудувачи, како и до сите кои придонесоа изборниот процес да се реализира успешно и во демократска атмосфера , истакна Страторски.
Од Општинската изборна комисија порачаа дека обединетоста, почитувањето на различностите и заедничката работа се клучни за развојот на локалната заедница.
На новиот градоначалник му беше посакано успешно справување со предизвиците што следуваат, партнерство со локалниот бизнис сектор, унапредување на туристичката понуда, културниот живот и подобрување на условите за образование и социјална сигурност.
октомври 27, 2025

