Општини
Камчев: Реконструкција на водоводната мрежа и изградба на модерни забавни паркови за децата во Валандово
Јас сум гарантот дека Општина Валандово повторно ќе биде најчистата општина во државата. Наместо најчист град ја гледаме состојбата-преполни конктејнери, улиците затрупани во отпад, јавното зеленило не се одржува. Вие знаете дека пред 16-17 години јас раководев со комуналното претпријатие, ги знаете моите резултати коишто ги постигнав, порача Ѓоко Камчев, кандидат за градоначалник на Валандово од ВМРО – ДПМНЕ и коалицијата од вечерашниот мини митинг што се одржа во рамки на кампањата за вториот изборен круг од локалните избори.
Тој го обвини противкандидатот, досегашниот градоначалник на Валандово, Перо Костадинов, дека две третини од ветената програма ја нема исполнето.
-Тоа е факт, граѓаните тоа го знаат и сигурен сум дека на 2 ноември ќе однесеме убедлива победа и покрај мнозинството во Советот, ВМРО ДПМНЕ ќе има и градоначалник.
Тој најави реконструкција на водоводната мрежа во сите населени места, изградба на модерни забавни паркови за децата во сите населени места и придвижување на економијата.
-Оттука сакам да најавам дека веќе преговарам со два инвестори-на еден од стопански објект којшто неодамна прекина со работа да се реактивира и повторно да вработи повеќе од 100 луѓе и втората инвестиција е во делот на текстилната индустрија, но со многу поголема додадена вредност и ќе дојде инвеститор кој на вистински начин ќе вложи и ќе вработи повеќе од 150 луѓе, истакна Ѓоко Камчев, кандидат за градоначалник на Валандово од ВМРО ДПМНЕ и коалицијата.
октомври 25, 2025

