Connect with us

Култура

Македониум: Постхумно признание за Спасе Мазенковски од меѓународниот фестивал „Охридски поетски бисер“

Македонскиот весник „Македониум”, објави напис во чест на Спасе Мазенковски и добиеното признание од  меѓународниот поетски фестивал „Охридски поетски бисер“. 

На фестивалот, кој годинава го одбележал својот јубилеј – десетгодишнината од постоењето, признанието  го примила неговата ќерка, Елеонора Мазенковска Стојан, која се заблагодарила за почитта и вреднувањето на делото на нејзиниот татко.

-Советот на општина Пустец, во 2018 година постхумно го прогласи Спасе Мазенковски за почесен граѓанин на општината, во знак на признание за неговото несебично залагање во унапредувањето на правата на Македонците во Албанија, како и за неговиот огромен придонес како новинар, писател, публицист и афирматор на македонската култура и историја во земјата, наведува весникот.

Целиот свој живот тој го посвети на афирмацијата на македонскиот етнички, јазичен, културен и верски идентитет, како и на борбата за подобрување на положбата и правата на Македонците во Република Албанија. Тој живееше и твореше во родното село Леска, во областа Мала Преспа. Роден е во 1951 година, а почина на 30 мај 2018 година. Погребан е на гробиштата во Леска.

Беше основач и претседател на Организацијата за заштита на правата на Македонците во Албанија Друштво „Преспа“, основач и главен уредник на весникот „Преспа“, како и основач на единствената македонска партија во Албанија – Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ). Учествуваше во сите значајни активности на Македонците во Албанија од 1990 година до неговата смрт.

На македонски јазик објави повеќе поетски збирки и книги, меѓу кои: „Преспа моја“, „Разбојна китка“, „Торбулето на татко ми“, „Преспанска убавица“, „Лабид и Преспана“, „Рѓосани бисери“ и „Историја на Македонскиот народ во Албанија“, која е  отпечатена и на албански јазик.

Беше член на Друштвото на писатели на Македонија и на Друштвото на писатели „Новиот свет“ во Албанија.

-Делото на Спасе Мазенковски останува траен симбол на борбата и посветеноста кон зачувувањето на македонскиот национален идентитет и културно наследство во Албанија, стои во написот.