Култура
Концерт на Петар Танески и Дарко Багески во македонскиот КИЦ во Софија по повод 23 Октомври
Во Македонскиот културно-информативен центар во Софија синоќа се одржа концерт во чест на државниот празник 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба. Настапија македонските уметници Петар Танески (кларинет) и Дарко Багески (гитара).
Како што информира Македонскиот културно-информативен центар во Софија, репертоарот на Петар Танески и Дарко Багески ја пренесе класичната префинетост на Хендел и Моцарт, ја разгоре аргентинската страст на Пијацола, ја оживеа балканската душа на Никола Бадев и Радојка Живковиќ, и нежно го вплете македонскиот мелос – препознатлив по својата топлина, емоција и древна сила.
Директорот на Македонскиот културно-информативен центар во Софија проф. д-р Зоран Пејковски истакнал дека оваа година со особена гордост се одбележува јубилејот – 20 години од основањето на Македонскиот културно-информативен центар во Софија. Според него, се работи за две децении посветени на културна размена, уметничка соработка, создавање мостови на пријателство и на доследна мисија – да се афирмира и негува македонската култура, јазик и духовност пред бугарската и меѓународната публика.
– Овие дваесет години се доказ дека културата е најсилниот амбасадор на Македонија. Нашата песна, збор и уметност зборуваат со јазикот на срцето – јазик што сите го разбираат. Вечерва, токму во пресрет на 23 Октомври, со гордост треба да се поклониме пред сите оние што ја сонуваа, ја создаваа и ја бранеа нашата татковина со дух, со перо и со песна, потенцирал Пејковски.
– Вечерта во Софија не беше само концерт, туку празник на македонштината, на македонската душа која живее, свири, твори и дише во секој тон, во секој стих, во секој допир со уметноста. Звуците на кларинетот на Танески и топлите акорди на гитарата на Багески ја исполнија салата со нешто повеќе од музика – со енергија која сведочи дека Македонија е чувство, достоинство и вечен извор на инспирација. Петар Танески, познат кларинетист кој дел од својот музички пат го изгради токму во Софија, и Дарко Багески, еден од најзначајните македонски гитаристи и педагози, покажаа дека македонската уметничка школа стои рамо до рамо со европската и светската елита. Нивната музика зборуваше таму каде зборовите се мали – со јазик на искреност, љубов и гордост. Овој концерт не беше само уметнички настан. Тој беше порака, дека македонскиот дух е жив, дека нашата култура има што да каже и дека во нашата земја има вткаен огромен талент, огромна душа и топло срце, се наведува во соопштението од Македонскиот културно-информативен центар во Софија.
октомври 24, 2025

