Култура
Во Виница од 24 до 29 октомври се одржува Фестивалот за хумор и сатира „Ин Виница веритас“

Овогодишното издание на Фестивалот за хумор и сатира „Ин Виница веритас“ стартува во петок, 24 октомври, во Домот на културата „Тошо Арсов“ во Виница.
Првата содржина од повеќедневната програма е предвидена за 19 часот. Станува збор за изложба на карикатури од конкурсот за карикатура за 2025 распишан под мотото: „Кој последен се смее…“, соопшти Александра Давиткова, директорка на виничкиот Дом на културата, организатор на престижната манифестација со неколкудецениска традиција.
Изложбата од конкурсот за карикатура ќе се одржи во изложбениот салон при Дом на култура „Тошо Арсов“ – Виница. Свеченото отворање е закажано за 19:30 часот во Сината сала на Општина Виница, каде ќе може да се проследи чинот на доделување награди и плакети.
Во 20:00 часот публиката ќе има можност да ужива во театарската претстава ,,Разбуди се Тина“ на Театарот од Куманово, во режија на Драгана Таневска.
По завршување на претставата предвидено е дегустација на вина на производители од виничкиот регион со изложување на свои штандови.
Програмата продолжува во сабота, на 25 октомври во 20:00 часот со претставата ,,Смртта на еден човек на Балканот“ на Театарот при Дом на култура ,,Иван Мазов Климе“ од Кавадарци.

На 27 октомври во понеделник во 11:00 часот ќе се одржи работилница со ученици од основните училишта во Дом на култура ,,Тошо Арсов“ Виница, на тема: „Афоризам и кариктура“, во 18:00 часот омаж (Изложба на карикатури) на Јордан Поп Илиев и Никола Ангеловски, во 18.30 часот вечер на афоризми со наши познати афористичари и во 20:00 часот театарска претстава „Земја на штркови“ во режија на Роберт Ристов-Театар „Провокација“- Скопје.
На 28 октомври во 20:00 часот ќе се одржи театарска претстава „Животот е краток и нејасен“ – AT „Отпишани“.
Во среда на 29 октомври ќе се одржат едукативни часови за карикатура и афоризми во основни училишта во Виница.
„Ин Виница веритас“ 2025 го затвора стендап комедијата на Надица Петрова од Театарот „Златен Елец“, која ќе се одржи со почеток од 20:00 часот.
октомври 23, 2025