Connect with us

Култура

„Поетроника за млади“ – нов проект на Оливер Митковски и Андреја Салпе со српската поетеса Радмила Петровиќ

По успешниот пат на уметничкиот проект „Поетроника“, кој со спој на поезија и електронска музика создаде нов сценски израз, авторите Оливер Митковски и Андреја Салпе го претставуваат своето ново, едукативно продолжение – „Поетроника за млади“ со настап на 29 октомври во Јавна соба во Скопје.

-Проектот произлегува од идејата да ги научиме младите да ја сакаат поезијата, не преку книжевни анализи, туку преку живо, современо и инспиративно доживување. Преку музичко-поетски перформанс, поезијата станува блиска, ритмична и разбирлива за генерацијата што расте со звук, екрани и визуелна култура. Првичната идеја беше во рамките на проектот да се реализира настап со српската поетеса Радмила Петровиќ. Од таа соработка произлезе нешто многу поголемо – нова уметничка фузија и сериозна регионална соработка, која го проширува концептот на „Поетроника за млади“ и отвора нови можности за културна размена меѓу младите уметници во регионот, стои во најавата за настанот.

Андреја Салпе, се смета за еден од водечките електронски продуценти во земјата, кој создава звучен пејзаж што ја внесува поезијата во современ контекст.

Оливер Митковски е актер со впечатлива сценска енергија, ѝ дава на поезијата живост и човечка топлина.

Радмила Петровиќ, пак, е глас на новата генерација балкански поетеси, која внесува свеж поетски израз и искрена емоција што ја поврзува публиката со зборот.

-Поетроника е судир на традицијата и електронската култура – продолжение на поезијата во звук, во движење, во живо присуство. Тоа е моќта на зборот што не се плаши да звучи, вели поетесата Петровиќ, во пресрет на настапот во Скопје.

Со „Поетроника за млади“, оваа тројка создава ново поглавје во културната едукација, покажувајќи дека поезијата може да биде современа, заразна и блиска до младите.

Проектот „Поетроника за млади“ е поддржан од Министерството за култура и туризам .

Настанот ќе се одржи на 29.октомври 2025, (вторник), со почеток во 20:00 часот во Јавна соба.