Connect with us

Општини

Монитор на малцинствата при ФУЕН: Помеѓу законот и реалноста – Борбата на македонското малцинство во Албанија

Најновиот придонес во Монитор на малцинствата се фокусира на состојбата на македонското национално малцинство во Албанија и долгогодишните напори на Федералната унија на националните малцинства (ФУЕН)  за обезбедување заштита на нивните права. 

Статијата се потпира на шесте резолуции едногласно усвоени од ФУЕН, поднесени помеѓу 2016 и 2024 година од страна на членката на ФУЕН, Македонско друштво „Илинден“ – Тирана, истакнувајќи ги постојаните празнини помеѓу законските гаранции и реалното спроведување на малцинските права.

– Иако Албанија формално го призна македонското малцинство според Законот за заштита на националните малцинства од 2017 година, заедницата продолжува да се соочува со дискриминација и слабо спроведување на постојното законодавство. Признавањето останува во голема мера ограничено на регионот Мала Преспа/Пустец, при што Македонците во Голо Брдо и Гора доживуваат значително помала заштита во употребата на јазикот, образованието и политичкото учество. Овие недоследности одразуваат поширока поделба помеѓу законот и практиката во пристапот на Албанија кон малцинските права, оценува ФУЕН, објави весникот „Илинден“.

Статијата, исто така, ја истражува историската и политичката позадина на македонското малцинство, следејќи како административните реформи и ограничената застапеност ја продлабочиле маргинализацијата. 

– И покрај обврските на Албанија според Рамковната конвенција на Советот на Европа за заштита на националните малцинства и други меѓународни инструменти, телата за мониторинг продолжуваат да забележуваат бавен напредок и нееднаква имплементација на правата низ регионите, се наведува понатаму во статијата.

ФУЕН ја повикува албанската влада целосно да го спроведе Законот за малцинства и да ги усвои недостапните секундарни закони неопходни за негово спроведување. 

Исто така ги повикува националните власти да ги зајакнат институционалните механизми одговорни за заштита на малцинствата и да обезбедат фер пристап до образование, култура и политичко учество за сите Македонци низ цела Албанија.

Со овој текст, Minority Monitor уште еднаш го истакнува јазот помеѓу законското признавање и  реалноста и ја потврдува мисијата на ФУЕН да обезбеди еднакви права и вистинска инклузија за националните и јазичните малцинства во Европа.