Connect with us

Општини

Градоначалникот Тони Коњановски отвори нова детска градинка во Битола

Градоначалникот на Општина Битола Тони Коњановски и Кристина Лајмановска, директорка на Јавната општинска установа детски градинки „Мајски цвет“, промовираа нова детска градинка „Пчеличка“ во Битола.

Детската градинка „Пчеличка“ е во Нова Битола во просториите на поранешниот Дом за доенчиња и мали деца во овој град и овозможува згрижување и воспитување на 76 деца од предучилишна возраст до 6 години.

-Со отворањето на оваа детска градинка, очекуваме да се релаксира во еден дел потребата од згрижување на дечињата во градинките. Наскоро очекуваме отворање на уште една детска градинка, со која ќе ја ублажиме состојбата со огромната листа на чекање за упис во градинките, истакна градоначалникот Коњановски.

Детската градинка „Пчеличка“ ги поседува сите потребни занимални и дополнителни простории за престој на деца, за што одлука донесе Советот на Општина Битола.

Реконструкцијата на детската градинка се изврши со средства од Министерството за социјална политика, демографија и млади и Општина Битола.