Општини
Во кумановската касарна со воена свеченост одбележан денот на Командата за операции

Во кумановската касарна „Боро Менков“, припадниците на командата за операции денеска со воена свеченоста го одбележаа денот на единицата. За ден на Командата за операции е определен 17 Октомври, како еден од значајните историски настани врз кои се темелат традициите на Армијата, кога во 1887 година во селото Кресна е формиран штабот на Кресненското востание, што е воедно и ден кога е кренато востанието.
На воената свеченост присуствуваа претставници од државниот и воениот врв.
Честитајќи им го денот на припадниците на Армијата, министерот за одбрана, Владо Мисајловски кажа дека денешниот ден се потврдува придонесот кон безбедноста, сигурноста на граѓаните и колективната безбедност на заедничката Алијанса, укажувајќи дека припадниците на армијата покажуваат професионалност, мотивираност и посветеност.
-Токму од вашите редови се и најголемиот дел припадници кои заедно со сојузниците го зајакнаа источното крило на НАТО во Латвија, Бугарија и Романија. Но да не заборавиме, туку да истакнеме дека најголемата поддршката за македонските граѓани кога се соочуваме со пожари и други видови на елементарни непогоди, повторно, во најголем дел доаѓа од припадниците на оваа Команда. Тоа е огромна одговорност, која вие ја исполнувате во целост, оправдувајќи ја нашата целосна доверба. Вие постоите за татковината и за нашите сограѓани, а ние, Министерството и Генералштабот постоиме за да ви ги овозможиме најдобрите услови и најмодерната опрема, рече министерот.

Тој пред присутните кажа дека македонскиот одбранбен буџет ќе продолжи да расте, како и дека значителен дел е наменет за модернизација и опремување.
– Вие го заслужувате тоа, а ние интензивно ќе работиме покрај набавката на опрема, во континуитет да ја обновуваме и личната опрема и вооружувањето. Дополнително со нашите сојузници и партнери, овозможуваме постојна надградба и развој на вашите професионални вештини и знаења. Со вашата посветеност, нè обврзувате на тоа, кажа министерот.
Тој порача да продолжат да работат посветено, посочувајќи дека на наредното НАТО оценување, Армијата ќе биде претставена во најдобро светло.
– Последната година Министерството за одбрана, заеднички со Генералштабот го има најголемиот, историски Буџет што е одобрен од која било Влада. Вчера имав можност да ги бранам позициите во Брисел за македонската Армија, но и за македонската држава. Продолжуваме следната година и во наредните години со уште позасилено темпо, да обезбедуваме повеќе средства и да обезбедуваме многу проекти за модернизација за сите Вас, рече министерот.
Мисајловски се заблагодари на сите за, како што рече, успешно решавање на предизвиците, на поддршката и синергијата и посочи дека ја имаат целосната поддршка.
-Работиме на нови решенија и планови како да дополниме со дополнителни средства и да купиме нова модерна опрема и работиме да обезбедиме многу гранд средства директно за Вас во армијата и мислам дека заеднички ќе направиме многу убави историски мигови наредниот период, рече Мисајловски.

Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски кажа дека Командата за операции, е највисока команда на оперативно рамниште и столб на Армијата, постојано се модернизира, опремува и ги исполнува обврските произлезени од членство во НАТО, успешно учествува во мисиите. Тој во говорот се осврна и на учеството во вежбите, обуките. Потенцираше и дека Командата за операции, постојано се модернизира со опрема.
– Барам сите заедно да работиме на зголемување борбените готовност, способностите и капацитетите за отпорност. Затоа што само подготвена Армија, е вистинска гаранција за суверенитетот, територијалниот интегритет и мирот во државата. Барам да бидете пример за сите останати институции во државата, да влевате доверба и чувство на сигурност кај нашите граѓани. Барам да бидете најдобрите амбасадори кога сте во странство и наша гордост, рече Лафчиски.
Командантот на КО, бригаден генерал Мирче Ѓоргоски, порача дека денешната генерација на старешини кои се во составот на Командата се горди на сработеното, на успесите, на петгодишното членство во НАТО Алијансата а за кое и самите придонеле.
– Војничката изграденост, дисциплината, лојалноста кон војничката професија како и создавање лидери за иднината на Армијата се нашата најблагодарна мисија и света обврска и само така ќе продолжиме да го градиме угледот на Командата за операции и на Армијата во целина, рече Ѓоргоски.
На прославата присуствуваа претставници од Генералштабот генерали, заменици на генерали, од кабинетот на претседателката, поранешни началници, раководители во Министерството, градоначалници и претставници од локалните самоуправи на Куманово и Липково.
октомври 18, 2025