Connect with us

Општини

Реконструкција и санација на едно од најпрепознатливите обележја во градот Струга – регулацискиот објект познат како „дрвениот мост“

АД ЕСМ, преку својата подружница ХЕС Црн Дрим, започна со активности за реконструкција и санација на едно од најпрепознатливите обележја во градот Струга – регулацискиот објект познат како „дрвениот мост“, преку кој се врши регулација на истекот на водите од Охридското Езеро во реката Црн Дрим, а со тоа и заштита на градот од поплави.

-Работите започнаа пред околу две недели и веќе се во напредна фаза, а нивното завршување се очекува до крајот на месец октомври, вели Гоце Божиновски, директор на Подружница ХЕС Црн Дрим.

Со овој зафат, истакнува Божиновски, мостот ќе го задржи својот автентичен изглед и историски карактер, со што ќе се обезбеди негова целосна функционалност за регулација на истекот на водата, како и зголемена безбедност на пешаците кои секојдневно поминуваат преку него. На тој начин, објектот ќе продолжи да ја има својата значајна улога – и како дел од хидросистемот на Црн Дрим, и како симбол на градот Струга, препознатлив и за граѓаните и за бројните туристи.

АД ЕСМ, велат оттаму,  останува посветен на унапредување на хидротехничките објекти и примената на современи стандарди за управување со водните ресурси. Во наредниот период ќе се изготви основен проект за автоматска контрола на испустот и далечинско управување со нивото на Охридското Езеро и реката Црн Дрим, со цел да се обезбеди поефикасна и еколошки одржлива регулација.

Со зачувувањето и модернизацијата на овој објект, АД ЕСМ, нагласауваат, потврдува дека вложува во проекти кои ја спојуваат традицијата со современото инженерство и кои имаат позитивен придонес за локалната заедница, животната средина и развојот на регионот на Охридското Езеро и реката Црн Дрим.