Connect with us

Вести

Македонија во недела гласа на 8-мите локални избори од осамостојувањето

Од полноќ кон сабота започна изборниот молк за локалните избори, кој ќе трае до 19 часот в недела 19-ти октомври. Од понеделник 20-ти октомври ќе започне кампања за оние општини каде нема да биде избран градоначалник во првиот изборен круг.

За време на молкот, медиумите продолжуваат да известуваат за изборниот процес, но престануваат сите облици на изборно медиумско претставување на учесниците во изборната кампања, информираат од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

„Според Изборниот законик, за прекршување на изборниот молк се смета емитувањето какви било информации, фотографии, аудио и аудиовизуелни материјали поврзани со или во кои учествуваат учесници во изборите, какви било облици на медиумско известување кои се отворено или прикриено во функција на нечија кампања и можат да влијаат врз одлуката на избирачите, податоци со кои се открива идентитетот на политички субјекти и/или поединци вклучени во инциденти или неправилности на денот на гласањето; како и изјави од кандидати во изборниот процес, од претставници на политички партии и од носители на функции во органите на власта“, се појаснува во соопштението од Агенцијата за аудио и аудиовозуелни медиумски услуги.

Локалните избори 2025 година се осмите од независноста на државата, а четврти на кои се избираат градоначалници и советнички листи во 80 општини и Градот Скопје. Ќе се гласа на 3480 избирачки места за 309 кандидати за градоначалници и 576 кандидатски листи за членови на општинските совети или за вкупно 10 490 кандидати. На изборите учествуваат 22 партии, 19 коалиции и 119 групи на избирачи односно независни кандидатури.