Connect with us

Кошарка

Кошаркар на Болоња и неговата сопруга приведени за напад врз здравствени работници

Кошаркарот на Виртус Болоња, Аргентинецот Лука Вилдоза (30) и неговата сопруга Милица (25) биле уапсени во среда вечер под обвинение за напад врз медицински персонал, јавија денеска италијанските медиуми.
Инцидентот, според истите извори, се случил неколку часа по кошаркарскиот натпревар од Евролигата помеѓу Виртус и Монако.
Сè започнало кога Вилдоза, наводно, со својот автомобил блокирал амбулантно возило. Според очевидци, Вилдоза излегол од автомобилот и ја зграпчил медицинската работничка за вратот. Неговата сопруга, српската одбојкарка Милица Тасиќ, наводно, исто така, се вмешала влечејќи ја жената за коса.
Полициска патрола веднаш интервенирала, а двојката била уапсена и однесена во полициска станица каде што ја минале ноќта и биле пуштени следното утро.
Локалните здравствени власти го осудија инцидентот.
„Неприфатливо е што овие инциденти продолжуваат да се случуваат, неприфатливо е што нашите здравствени работници, кои работат на спасување, помагање и лекување на граѓаните, се подложени и на вербални и на физички напади. Целосно го осудуваме ова, изјави за „Ла Газета дело Спорт“ генералната директорка на здравствениот орган, Ана Марија Петрини.
Клубот, исто така, издаде официјално соопштение.
„Јавното обвинителство на судот во Болоња ги информираше страните за одлуката за итно ослободување, без ограничувања, потпишана од јавниот обвинител, Флавио Лазарини, сметајќи дека нема потреба од рестриктивни мерки, при што обвинителството се откажа од скратено судење првично закажано за денеска во 12 часот. Во моментов се води детална истрага за да се утврди што всушност се случило“, соопшти клубот.