Вести
Воена вежба „Junction City 2025“ на армискиот полигон Криволак

На најголемиот и најсовремен армиски полигон во регионот, АП Криволак, во тек е реализацијата на меѓународната воена вежба „Junction City 2025“, која се одржува од 6 до 28 октомври. Вежбата е организирана од страна на 173-та воздухопловна бригада на Армијата на САД, со поддршка од Армијата на Република Северна Македонија.
Во рамки на вежбата, како што соопштија од АРМ, Армијата обезбедува логистичка поддршка и ги става на располагање капацитетите на АП Криволак, кој овозможува изведување на комплексни вежбовни активности во реални услови. Целта на оваа заедничка активност е унапредување на соработката меѓу двете армии, зајакнување на меѓусебната доверба, разбирање и интероперабилност во рамките на НАТО Алијансата.
173-та воздухопловна бригада, која е распоредена во Италија и Германија, претставува контингентна сила за брз одговор на Армијата на САД во Европа. Во текот на вежбата, нејзините падобрански и артилериски единици ги усовршуваат тактиките на координиран оган, интеграција на нови беспилотни системи и командно-контролни процедури во динамична и комплексна средина.
-Вежбата „Junction City 2025“ придонесува за унапредување на оперативната готовност и заедничката обука на сојузничките сили со цел зголемување на стабилноста, безбедноста и соработката во регионот, појаснуваат од Армијата.
октомври 16, 2025