Општини
Светски ден на храната и 80 години од основањето на ФАО: Храната не е само потреба, туку и достоинство, здравје, иднина, култура и идентитет

Храната не е само потреба, туку претставува и достоинство, здравје и иднина. Таа е наша култура и идентитет. Земјоделците ја креираат домашната економија и преку својата работа ни овозможуваат прехранбена сигурност. Да го негуваме македонското најдобро, да произведуваме квалитетни земјоделски производи и да овозможиме секој да има пристап до безбедна храна, порача денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски.
На настанот по повод Светскиот ден на храната и 80 години од основањето на ФАО, Трипуновски напомена дека сме сведоци на бројни предизвици, конфликти, природни катастрофи, климатски промени и пандемии, но мисијата останува непроменета – да се обезбеди храна за сите, да се зајакне земјоделството и да се изгради посигурна иднина.
-Владата и ФАО изминатите години изградија силно и доверливо партнерство, покажаа како со заедничка работа може да се постигнат конкретни резултати, подобри услови за земјоделците, поквалитетна храна за граѓаните и одржлив развој на нашите села. Македонија има богата земјоделска традиција – од житните полиња на Пелагонија, преку виновата лоза во Повардарието, до овоштарниците во Преспа, ги има и сите предуслови – плодна почва, сончеви денови чиста и безбедна вода за да произведе квалитетни земјоделски производи, потенцира министерот.
Нагласи и дека улогата на земјоделците, посебно во ова време на климатски промени, е поважна од кога било.
-Владата е посветена на поддршка на земјоделскиот сектор. Упорно работиме на модернизација на земјоделството, на подобрување на инфраструктурата во нашите рурални средини, на сигурен откуп и на олеснување на пристапот до пазарите. Нашата цел е и што повеќе млади да се вклучат во земјоделскиот сектор, истакна Трипуновски.
Тој се осврна и на кампањата „Македонско најдобро” што почна пред неколку месеци.
-„Македонско најдобро” е повеќе од слоган, тоа е нашата посветеност кон зголемување и зајакнување на домашното земјоделско производство, обезбедување просперитет во руралните средини, подигнување на свеста за квалитетот, автентичноста и значењето на домашните производи, обезбедување полесен пристап на граѓаните до домашните земјоделски производи и нивните преработки, рече Трипуновски.
По повод јубилејот на ФАО, во Паркот на Франкофонијата беа засадени и дрвја како симбол на заедничката заложба за зелена и одржлива иднина.
Како што рече Даме Димитровски, сосветник на премиерот за животна средина, овој ден не е само потсетник на минатата успешна работа на ФАО, туку и повик за иднината, за одговорноста кон генерациите што доаѓаат.
-Секој чекор што го преземаме денес, секое дрво што ќе го засадиме, секоја промена што ја почнуваме е вложување во иднината на нашите деца. Тие заслужуваат да растат во свет каде храната ќе биде здрава, воздухот чист, а природата заштитена. Ставаме симбол на надеж и визија дека промените се можни и дека почнуваат со мали, но значајни индивидуални акции на секој од нас. Тие се темелот на секоја голема трансформација. Нашата задача е јасна, да продолжиме да инвестираме во иновации, зелени технологии и едукација зашто одржливоста не е само економска или еколошка цел, туку морална обврска кон идните генерации, рече Димитровски, истакнувајќи го силното партнерство на Владата со ФАО кое, меѓудругото, се фокусира и на присатап до глобални климатски фондови.
Според Кристина Митиќ – Арсова, национален координатор на програмата на ФАО во Македонија, осум децении се долг период на труд и посветеност кон една цел – свет без глад и со достоинствен живот за сите.
-Изминатите 80 години ФАО ја гради својата мисија врз четири столба: подобро производство, подобра исхрана, подобра животна средина и подобар живот, рамо до рамо со земјдоелците и локалните заедници. Ова е нашата универзална рамка што ја води и соработката со Македонија. Заедно спроведовме многу успешни проекти работевме како вистински партнери. Светскиот ден на храната не потсетва дека храната е многу повеќе од гориво за ќовекот, таа е темел на здравје, мир и достоинствен живот, храната е едно од основните човекови права. Овој ден е потсетник дека сите имаме одговорност да обезбедиме здрава, безбедна и достапна храна, денес повеќе од кога било треба да останеме обединети во оваа мисија. Климатските промени и загубата на природните ресурси, бараат нови, инвентнивни решенија, подвлече Митиќ – Арсова.
На настанот е поставена и фотографска изложба што ја прикажува работата на ФАО во изминатите 80 години, а се одржуваат и креативни активности за деца и млади.
Светскиот ден на храната и 80-годишнината од основањето на ФАО се одбележуваат под мотото „Рамо до рамо за подобра храна и подобра иднина“, а целта е да се истакне важноста на заедничката акција за создавање поодржливи системи за храна и заштита на природните ресурси.
октомври 16, 2025