Скопје
Ѓорѓиевски најави изградба на нов булевар „Хрватска“ во Скопје

Кандидатот за градоначалник на Град Скопје од ВМРО – ДПМНЕ Орце Ѓорѓиевски денеска на прес-конференција најави изградба прва фаза од новиот булевар „Хрватска“ во должина од 3.800 метри.
Според него, тоа е еден од најважните инфраструктурни проекти за источниот дел на Скопје.
– Воспоставуваме стратешко поврзување меѓу Гази Баба, Бутел и Чаир, како дел од внатрешната обиколница на Скопје. Тоа ќе овозможи побрз проток на сообраќај, ќе го ослободи центарот од транзитните возила и ќе отвори нови можности за економски раст и локална поврзаност, рече Ѓорѓиевски.
„Хрватска“, нагласи, ќе биде модерен, безбеден и функционален булевар, изграден по европски стандарди и со сите елементи на современо сообраќајно решение. Паралелно со изградбата на новиот булевар, најави и нов водоводен крак, за подобрување на водоснабдувањето во високата зона на Автокоманда и Железара, како и во околните села во општина Гази Баба.
– Оваа инвестиција ќе овозможи стабилен притисок, сигурна испорака на вода и значително подобар квалитет на услугата за илјадници домаќинства, особено во летните месеци, истакна Ѓорѓиевски.
Со булеварот „Хрватска“, нагласи дека ќе почне нова етапа во изградбата на современо Скопје. Неговата програма, информира дека содржи 40 капитални проекти, кои ќе ја променеле урбаната, но и сообраќајната слика на главниот град.
Меѓу нив, како што додаде, се четири проекти за доизградба на постоечки булевари и клучки, шест нови булевари што ќе го поврзат градот, 16 нови улици за подобра локална мобилност, како и голем број клучки и кружни текови за поголема безбедност во сообраќајот.
Покрај булеварот „Хрватска“ како стратешки проекти ги издвои и булеварите „Февруарски поход“ со нов мост преку реката Вардар, кој ќе ги поврзе источниот и западниот дел од градот, АСНОМ, кој ќе биде поврзан и продолжен со „Александар Македонски“ преку мостот „Михајло Апостолски“. Најави и деблокирање на клучката Момим поток која, според него, ќе овозможи нормален проток кон северозападниот дел на Скопје, како и завршување на булеварот „Борис Трајковски“ до Драчево. Вети и проширување на булеварот „Александар Македонски“ со трета лента, и шест коловозни ленти на булевар „Цветан Димов“, проширување на Даме Груев во центарот градот и изградба на подземната сообраќајница кај Лимак.
– Со сите овие проекти градиме поорганизиран побезбеден и подобро поврзан град. Скопје како што им доликува на сите граѓани, модерен, функционален и достоинствен град, подвлече Ѓорѓиевски.
Во однос на клучката кај Момин поток, одговарајќи на новинарски прашања појасни дека има два објекти, од кои со сопствениците на едниот веќе разговатрале, и смета дека со коректен пристап на Градот ќе биде решен проблемот со експропријација на земјиштето.
– Клучот за сите процеси и надминување на проблемите е само комуникацијата, силен ангажман и да бидеме убедени дека нештото можеме да го решиме. За клучката Момин поток верувам дека на крајот од првата година од мојот мандат ќе биде ставена во функција, реќе Ѓорѓиевски.
Фокус во неговото работење доколку ја добие довербата на скопјани кажа дека ќе биде ставен и на почнатите проекти од претходните градоначалници.
На новинарско прашање одговори дека очекува силна победа уште во првиот круг на локалните избори на 19 октомври, нагласувајќи дека пролонгирањето на уште три недели до втор круг е пролонгирање на решевање на проблемите во главниот град, меѓу кои ги спомена сметот и јавниот градски превоз.
октомври 16, 2025