Connect with us

Кошарка

Големац го продолжи договорот со Дубаи

Словенечко – хрватскиот кошаркарски стратег Јурица Големац го продолжи денеска договорот со Дубаи до 2028 година, ден откако со клубот од Обединетите Арапски Емирати извојува убедлива победа (93-69) на гостински терен против актуелниот шампион во Евролигата, Фенербахче.

По четири одиграни кола, Дубаи има скор од две победи и два порази во својата прва сезона во Евролигата, со две убедливи победи против Партизан дома и на гостински терен кај Фенербахче, и со два убедливи порази на гостински терен од Монако и Олимпијакос. Во првите два натпревари од новата сезона во АБА лигата, Дубаи го победи Сплит како домаќин, а беше подобар од Борац на гостувањето во Чачак.

„Тренерот Големац беше клучна фигура за градот, создавајќи историја како прв тим што го претставуваше Дубаи и се натпреваруваше во две меѓународни лиги. Визијата на тренерот го водеше тимот до монументални моменти во градот и во странство, ефикасно етаблирајќи го Дубаи како врвен клуб веќе во првите две сезони, се наведува во клупското соопштение на Дубаи.

Клубот објави дека одлуката за продолжување на договорот е донесена пред неколку недели.