Connect with us

Скопје

„Game Dev Rev“ – интернационална конференција за развој на видеоигри во Скопје

Во Скопје денеска се одржува прво издание на „Game Dev Rev“ – интернационална конференција за развој на видеоигри кај нас, во организација на Асоцијацијата на македонската индустрија за развивање видеоигри (МГИ). 

Во панел-дискусии учествуваат 35 говорници од Западен Балкан, земји од Европа, како и од САД и Јапонија, и регистрирани  се околу 280 учесници. Во рамки на конференцијата има експо на инди игри (indie games) – мали студија, често составени од еден до двајца креативци, на кои на овој начин им се дава можност да се презентираат. Настанот е можност и голем број студенти, млади креативци, дизајнери, програмери да го претстават својот потенцијал.

Конференцијата ја отворија Гораст Цветковски, претседател на МГИ, министерот за култура и туризам Зоран Љутков, и Јари Пека Калева од Европската федерација за гејминг индустрија (European Games Developer Federation-EGDF).

Претставникот на EGDF  официјално го соопшти пристапувањето на МГИ (како претставник на  целата гејминг индустрија во државава) во оваа федерација откако нејзиниот борд членството го изгласал во август. Во своето обраќање тој ја пофали работата на креативците во нашите студија. 

Во МГИ членуваат 15-ина студија за креирање видеоигри, меѓу кои Индиум плеј (Indium play),  Крејзи лабс (CrazyLabs) – едно од најголемите студија за издаваштво на игри во Македонија,  „Фјуриус авокадо“ (Furious Avocado) која направи игра која има над 150 милиони даунлодирања во светот што носат големи  приходи во креативната економија…

Зачленувањето во EGDF  е значајно со оглед на тоа што федерацијата добива средства од ЕУ за креирање видеоигри, кои често се комбинација од едукативни со гејминг т.е. гејмификација или примена во вид на разни апликации за учење – проекти кои потоа се дисперзираат во државите. 

Министерот Љутков истакна дека индустријата на видеоигри е една од брзорастечките културни и економски гранки во светот со годишен промет кој, како што рече, го надминува и оној на филмската и музичката индустрија заедно. Посочи дека со оваа конференција, „Македонија станува активен дел од мрежата на дигиталната креативност“.

-Но, повеќе од тоа, таа е место каде што уметноста, наративот, дизајнот и технологијата се среќаваат, каде што младите умови создаваат нови светови и нови искуства. Токму затоа, Министерството за култура и туризам ја даде својата поддршка за иницијативата на Асоцијацијата на македонската индустрија за видеоигри МГИ и на сите ентузијасти, професионалци и визионери кои стојат зад „Game Dev Rev 2025“, рече Љутков.