Економија
Димитриеска-Кочоска во Вашингтон: СБ останува силен партнер во спроведувањето на реформите и забрзувањето на економскиот раст

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во рамки на годишните средби на Светската банка и Меѓународниот монетарен фонд оствари средба со регионалната потпретседателка на Светската банка за Европа и Централна Азија, Антонела Басани, регионалната директорка за Западен Балкан, Шиаокинг Ју, извршниот директор Јуџин Ругенаат и раководителката на Канцеларијата на Светската банка за Косово и Северна Македонија, Карол Межевав, соопшти Министерството за финансии.
Разговорите, како што се наведува во соопштението, биле насочени кон макроекономските и фискалните движења, напредокот во реализацијата на тековните проекти, како и можноста за нови финансиски инструменти од Светската банка за поддршка на буџетските и структурните реформи.
Главен фокус на средбата биле проектите кои во моментов се спроведуваат во Македонија и кои се насочени кон подобрување на инфраструктурата, енергетската ефикасност, дигитализацијата, управувањето со јавните финансии и развојот на човечкиот капитал.
-Владата останува посветена на фискалната дисциплина, структурните реформи и забрзувањето на економскиот раст преку инвестирање во јавната инфраструктура и човечкиот капитал, истакнала министерката.
Светската банка, се додава во соопшението, го поздрави напредокот на Македонија и го потврди своето партнерство во реализацијата на реформите и проектите од новата рамка на соработка.
-Тоа го потврдува и најновиот редовен економски извештај на Светската банка за Западен Балкан, во кој се наведува дека се очекува растот на македонската економија да достигне 3,1 отсто во 2025 година, што претставува подобрување во однос на претходните прогнози. Банката нотира дека Македонија ја задржува фискалната стабилност, со буџетски дефицит под 3 отсто и јавен долг на надолна траекторија, што создава простор за одржлив раст и поволна инвестициска клима, се нагласува во соопштението.
На средбата се разговарало и за економските проекции и можностите за нивно дополнително подобрување преку засилување на јавните инвестиции, зголемување на продуктивноста и поддршка на извозно ориентираните компании. На средбата присуствувал и гувернерот на Народната банка, Трајко Славески.
октомври 16, 2025