Општини
Николоски: Тони Коњановски вториот мандат ќе го добие со повеќе гласови од првиот

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски за време на посетата на Битола, на вечерашниот митинг кажа дека секогаш градот и општината се приоритет и дека се помага на сите можни начини за градот на напредува.
„Тони Коњановски го завршува првиот мандат без ниеден скандал и без ниедна корупциска афера. Нешто што беше незамисливо претходно. Ве уверувам и знам дека во вториот мандат ќе добие повеќе гласови од првиот и тоа јас ви го гарантирам“, кажа Николоски.
Николоски се осврна на фактот што за три години од 4 локална власт владата беше предводена од црната коалиција на СДСМ и ДУИ која како што рече целосно ја блокираше Битола и не помагаше.
„Нив ги интересираше само Новаци зошто седиштето на РЕК е таму. Сега тоа се истражува и ќе се оди до секој еден што злоупотребувал. Но, сега ситуацијата е поинаква. И можам да кажам дека имаме многу проекти за следните четири години“, изјави Николоски.
Николоски се осврна и на големите проекти кои се планирани.
„Во овој момент работиме на проект што ќе оди од Фариш до Прилеп и ќе одиме најверојатно со автопатско тунелско решение кое ќе оди под Плетвар и да излегува пред Прилеп и да се врзува на овој автопат кој веќе се гради. Тоа значи дека некаде кон крај на 2028 почеток на 2029 кога повторно ќе дојдеме за локалните избори се надевам да сме здрави и живи веќе до Скопје ќе возиме за саат, саат и дваесет и пет минути“, вели Николоски.
Николоски посочи дека ова е коридор 10д и информираше дека кога ќе заврши и од грчка страна од Скопје до Атина ќе се вози наместо сегашни осум и половина часа ќе се патува за пет, или пет и половина.
„Ова ќе биде огромен потенцијал за економијата и целиот регион. За ова да го сработиме потребна ни е масовна излезност. Победникот е јасен, не смееме да имаме калкулации. Не смееме да дозволиме на шарлатани да не блокираат во Советот. Лесно е да се критикува. Таа нивна несериозност значи заминување на луѓе од Битола. Затоа победата мора да е јасна и да е уште во првиот круг. Сакаме градот да напредува и не сакаме да застане после 4 години развој“, кажа Николоски.
Николоски се осврна на како што рече темната коалиција Али, Венко, Димче, на кои како што додаде им се придружија двајца, едниот Зоран Заев, а другиот Пендаровски. Според Николоски на оваа коалиција мора да и се стави крај и на нивните крајно лоши политики за државава и граѓаните.
октомври 15, 2025