Connect with us

Економија

Министерството за енергетика и AFD потпишаа заедничка декларација со која се забрзува енергетската транзиција

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини денеска во Скопје потпиша заедничка декларација со Француската агенција за развој (AFD), со што АФД официјално беше поздравена како партнер на Инвестициската платформа и се зајакна поддршката за праведната енергетска транзиција на Северна Македонија.

Министерката Сања Божиновска нагласила дека ова партнерство ја зајакнува нашата способност да го модернизираме електроенергетскиот систем, да интегрираме повеќе обновливи извори и да ја заштитиме достапноста и сигурноста на снабдувањето.

-Ни претставува задоволство што ја поздравуваме АФД на Инвестициската платформа за праведна енергетска транзиција. Ова партнерство ја зајакнува нашата способност да го модернизираме електроенергетскиот систем, да интегрираме повеќе обновливи извори и да ја заштитиме достапноста и сигурноста на снабдувањето. Поддршката од АФД, заедно со знаењата што ги споделуваат европските експерти, ни помага да обезбедиме континуирана и широка посветеност на енергетската транзиција на Северна Македонија, притоа ставајќи ги граѓаните и бизнисите во нејзиното средиште, посочила Божиновска.

Заменик-директор на Канцеларијата на АФД за Западен Балкан, Франсоа Винс посочил дека АФД е посветена на поддршка на праведната и одржлива енергетска транзиција на Северна Македонија.

-Преку Инвестициската платформа, ќе соработуваме со Владата и со другите партнери на платформата со цел да се реализираат плановите преку конкретни финансиски изводливи и спроведливи проекти што носат вистински придобивки за домаќинствата, индустријата и поширокото општество, рекол Винс.

Како што информираат од Министерството, ова партнерство ја илустрира амбицијата на АФД да ја поддржи земјава во нејзините напори за напредок кон членство во ЕУ. Работејќи рамо до рамо со националните власти, европските институции и другите развојни партнери, АФД придонесува за зајакнување на капацитетите на земјата да спроведува реформи, да ги модернизира клучните сектори и да се усогласува со ЕУ стандардите.

Инвестициската платформа за праведна енергетска транзиција претставува механизам за координација на Владата кој ги поврзува приоритетните енергетски инвестиции (обновливи извори, преносни мрежи, складирање енергија и флексибилност на системот) со мерки за праведна транзиција (преквалификација на работна сила, поддршка за мали и средни претпријатија и вклучување на заедниците во регионите зависни од јаглен).

Процесите во рамките на Инвестициска платформа за праведна енергетска транзиција се спроведуваат со помош на Единицата за техничка поддршка, која е основана од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) во Скопје со поддршка од Bloomberg Philanthropies. Целта на Единицата за техничка поддршка е да овозможи координација и комуникација со сите засегнати страни, предводени од Министерството за енергетика, рударство и минерални ресурси и партнерите на Инвестициската платформа за праведна енергетска транзиција.

Групацијата АФД придонесува за спроведување на француските политики за одржлив развој и меѓународна солидарност. Дел од Групацијата се Agence Française de Développement (AFD) – Француската агенција за развој, која го финансира јавниот сектор, невладините организации, истражувањата и обуките; нејзината подружница Proparco, чиј фокус е приватниот сектор; и Expertise France, агенцијата за техничка соработка. Групацијата АФД финансира, поддржува и забрзува неопходни транзиции кон поправеден и поотпорен свет. Активна на Западен Балкан од 2019 година, групацијата има мандат да им помага на земјите од регионот во усогласување со стандардите на ЕУ и во спроведување на Парискиот договор за климатски промени, насочувајќи се кон инклузивна и нискојаглеродна траекторија на раст. Оттогаш, групацијата АФД има мобилизирано над 1,5 милијарди евра на Западен Балкан, преку 39 активни проекти.