Регион
Предвремените избори за градоначалник на Тирана одложени, Уставниот суд ја суспендира уредбата на претседателот Бегај

Уставниот суд на Албанија ја суспендираше уредбата на претседателот Бајрам Бегај, со која се одредува 9 ноември како датум за предвремени избори за градоначалник на Тирана.
Официјално, Судот соопшти дека одлуката е донесена едногласно и дека тужбата поднесена од поранешниот градоначалник Ерион Велиај ќе продолжи на јавна пленарна седница што ќе се одржи на 31 октомври. Без оглед каква ќе биде конечната одлука на судот, избори во Трана не може да има најмалку 20 дена од нејзиното донесување.
„Уставниот суд едногласно одлучи да го стави случајот со подносителот на барањето Ерион Велиај на јавна пленарна седница на 31 октомври 2025 година и да ја суспендира претседателската уредба за делот што го одредува датумот на избори во Општина Тирана“, се објаснува во соопштението на Уставниот суд.
Адвокатите на Велиај, кој е во затворски притвор од 10 февруари, осомничен за корупција и перење пари, поднесоа жалба до Уставниот суд на 2 октомври против уредбата на претседателот Бегај, образложувајќи дека одлуката за негово разрешување од функцијата градоначалник на Тирана, донесена од владата, е неуставна.
Оваа одлука на Уставниот суд не влијае на другите пет општини Валона, Берат, Мат, Тепелена и Церик, каде што ќе се избираат нови градоначалници на 9 ноември.
Во кусото соопштение за медиумите, од претседателскиот кабинет наведуваат дека „институцијата Претседател на Републиката ја почитува одлуката на Уставниот суд“.
октомври 11, 2025