Connect with us

Регион

Косовската ЦИК одби да акредитира повеќе српски медиуми за локалните избори

Централната изборна комисија на Косово (ЦИК) не одобри акредитации за неколку српски медиуми за локалните избори што ќе се одржат в недела, јави весникот Коха диторе.

Најголем дел од одбиените медиуми се српски, меѓу кои агенцијата Танјуг, државната телевизија РТС, весникот Данас, телевизиите Нова, Прва, Курир, РТВ Војводина, Контакт Косовска Митровица, Грачаница онлајн и ТВ Грачаница.

Одлуката на ЦИК предизвика реакции од повеќе организации, меѓу кои и од Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ).

„Слободни и транспарентни избори зависат од отворен и еднаков пристап на сите медиуми со цел следење и информирање на јавноста за изборниот процес. Ограничувањето на акредитацијата врз основа на етничка припадност, јазик или уредувачка политика ја ограничува способноста на новинарите професионално да ги извршуваат своите обврски“, порача ОБСЕ.

Ставот на ОБСЕ беше споделен и од германската амбасада во Приштина, која побара еднаков третман за сите медиуми.

И Асоцијацијата на косовските новинари (AGK) го оцени решението на ЦИК како „неприфатливо“ и „политички и етнички мотивирано“.

„Српските медиуми во Косово се регистрирани во Агенцијата за регистрација на бизниси или во Министерството за внатрешни работи како невладини организации. Србите во Косово имаат уставно право да бидат информирани за важни процеси на својот јазик, кој е официјален низ целата територија“, се наведува во нивната изјава, пренесува Коха диторе.