Connect with us

Вести

Апел од Народниот правобранител за заштита на децата од политичка злоупотреба на изборите 2025

Народниот правобранител, преку Одделот за заштита на правата на детето и на лицата со попреченост, упати јавен апел до сите учесници во Локалните избори 2025 да се воздржат од вклучување деца во политички активности.

„Вклучувањето на децата во какви било политички активности, претставува неприфатлива форма на инструментализација на детето и повреда на неговото достоинство и правото на заштита од политичко влијание, гарантирано со Конвенцијата за правата на детето, Законот за заштита на децата, како и Изборниот законик, кој предвидува дека учесниците во изборната кампања се должни да постапуваат во согласност со принципите на етичко и одговорно однесување“, се наведува во соопштението од Канцеларијата на Народниот правобранител.

Народниот правобранител укажува дека децата не смеат да бидат користени за промоција на политички партии, кандидати или програми, ниту да се појавуваат во спотови, јавни настапи или промотивни материјали во контекст на кампања.

Во таа насока, Народниот правобранител апелира сите учесници во изборниот процес да се воздржат од каква било присутност или појавување на деца во нивните кампањи, и ги охрабрува родителите и јавноста да пријават вакви случаи до Народниот правобранител или надлежните органи, со цел заштита на правата и достоинството на децата.

Народниот правобранител ќе продолжи да ја следи состојбата и ќе постапува по сите информации или претставки кои се однесуваат на можни повреди на правата на детето во изборниот процес.

Потсетувајќи на можноста за пријавување повреда на избирачкото право на бесплатната телефонска линија 0800 54321, Народниот правобранител потенцира дека секое дете има право да биде заштитено од политички влијанија и злоупотреби, па во таа насока политичката борба меѓу возрасните не смее да се води преку децата.