Култура
Во македонскиот КИЦ во Софија промоција на книгите есеи „Од личен агол“ и „Книга 2020“ на проф. д-р Елизабета Шелева

Промоцијата на книгите есеи „Од личен агол“ и „Книга 2020“ на проф. д-р Елизабета Шелева ќе се одржи денеска со почеток од 18:30 часот, во Македонски културно-информативен центар во Софија.
Промотор на литературните дела од проф. Шелева ќе биде проф. д-р Кристина Николовска (литературен критичар и теоретичар), а модератор на литературната вечер – Михајло Свидерски (писател, преведувач и издавач), соопштуваат од македонскиот КИЦ.
На средбата со софиската публика, авторката ќе го сподели своето богато искуство и повеќедецениски ангажман во областа на компаративната книжевна наука, книжевната критика и теорија, афирмацијата на современата македонска литература и нејзините врски со другите европски и светски литератури
Елизабета Шелева е истакнат припадник на првата генерација македонски компаративисти, која во континуитет од четири децении наназад неуморно го трасира патот и го збогатува креативниот и научен придонес на македонската критичко – теориска школа.
Нејзините првични критички објави и есеи беа печатени не само во домашната, туку и во југословенската периодика, во угледните списанија од Белград, Сараево, Нови Сад, Загреб, Подгорица, како што се: Књижевна реч, Књижевне новине, Dalje, OKO, Polja, Ovdje, Zarez.
Во целиот свој работен век, Шелева е подеднакво застапена како активен двигател на книжевно-научната мисла, чиешто име и дело е препознаено и признаено како авторитетно, не само во Македонија, туку и во странство и затоа била ангажирана како визитинг професор на повеќе странски универзитети (Хале, Загреб, Љубљана, Белград, Дубровник).
Како истакнат научен истражувач Шелева учествувала во 12 научни проекти на МАНУ, вклучително, и меѓународни проекти, остварени во соработка меѓу МАНУ со БАН, односно со САНУ.
Освен тоа, Шелева е паралелно присутна и ангажирана во културниот живот на земјата, како учесник и двигател на новите творечки движења во литературата. Таа дебитира на македонската книжевна сцена во средината на 80-тите години, како активен член и критички промотор на т.н. Петти круг, група од афирмирани и реномирани автори, чијашто автентична поетичка определба се нарекува постмодернизам.
Член е и еден од основачите на Здружението на Независните писатели на Македонија од 1994 год, а во периодот од 2011 до 2017 год. била и претседавач на ова здружение, коешто беше формирано, по осамостојувањето на Р. Македонија, како творечка заложба и афирмација на новите демократски вредности во културата.
Шелева била долгогодишен уредник на списанието „Наше писмо” (1998 – 2018).
Покрај тоа, Шелева е долгогодишен уредник на регионалното списание „Sarаjevske sveske” (2005- 2017).
Редовен колумнист на „Дневник”(2000) и „Форум”(2008).
Повеќе од една деценија, Шелева е член на меѓународната жири комисија за доделување на книжевната награда „Балканика”.
Во периодот од 2017 до 2024 год, како истакнат стручњак и авторитет од областа на литературата, е именувана за претседател на Управниот одбор на меѓународниот фестивал Струшки вечери на поезијата (којшто во нејзиниот мандат одбележа 60 години од своето постоење).
Шелева е долгогодишен и активен член, а била и потпретседател на македонскиот ПЕН центар (2021-2023).
Шелева е член на Academia Balkanica Europeana, со седиште во Романија.
Авторка е на 300 трудови и 13 книги од областа на книжевната критика и теорија: „Во име на новото“ (1986), „Компаративна поетика“ (постмодернизмот во македонската фикција/новела -1996), „Книжевно-теориски студии“ (1997), „Културолошки есеи“ (2000), „Од дијалогизмот до интертекстуалноста“ (2000), „Заробеници на денот“ (избрани колумни – 2001), „Отворено писмо“ (студии за македонската книжевност и култура – 2003), „Дом/Идентитет“ (2005), „Домот на писмото“ (2008), „Хетеротопии на писмото“ (2014), „Од личен агол“ (2019), „Книга 2020“ (2021), „Книжевни созвучја и дијалози“ (2025).
Таа е добитник на наградите „Млад борец”(1986) за најдобра дебитанска книга и „Корени” (2007) за долгогодишен придонес во критиката и есеистиката.
Има објавено и шест книги преводи, главно од англиски јазик: Растко Мочник, „Теорија за денешно време“ (1999) (од словенечки), Гиги Тевзадѕе, „Знаци на иднината“ (2000), Џудит Батлер, „Проблеми со родот“ (2000), Карл Попер, „Непрекината потрага“ (автобиографија) (2001), Ронит Бергман „Медено ласо” (2012), Хава Коен „Песните на Орфеја” (2015), соопшти македонскиот КИЦ во Софија.
октомври 9, 2025