Култура
Голем интерес за македонската рок музика во Белград

Во македонскиот КИЦ во Белград, пред бројна публика, меѓу која беа присутни и познати имиња од српската и белградската музичка сцена, синоќа се одржа предавање за историјата на македонската рок музика, од нејзините почетоци во 1963 година, до денешен ден.
Домаќин на настанот, поддржан од Министерството за култура и туризам беше нашиот КИЦ во Белград и директорот Васко Шутаров, кој го отвори настанот и го претстави еден од најпознатите хроничари и популаризатори на македонската рок култура, Тошо Филиповски.
Промоцијата на македонската рок музика во Белград, освен синоќешното предавање на Филиповски, содржи и мноштво аудио-визуелен материјал, постери, плакати и фотографии, кои посетителите на македонскиот центар во Белград ќе можат да ги разгледаат до крајот на месец октомври.
