Свет
Телефонски разговор Путин – Нетанјаху за ситуацијата на Блиски Исток

Рускиот претседател Владимир Путин оствари телефонски разговор со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху. Лидерите разговараа за случувањата на Блискиот исток и ситуацијата во Појасот Газа, соопшти во понеделникот вечерта прес-службата на Кремљ.
„Владимир Путин оствари телефонски разговор со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху. Детално беа разгледани актуелните случувања на Блискиот исток, вклучително и во контекст на планот на американскиот претседател за нормализација во Појасот Газа“, се вели во соопштението.
Двете страни размениле мислења за ситуацијата околу нуклеарната програма на Иран и ситуацијата во Сирија се додава во соопштението на руското претседателство без повеќе поединости.
„Беше одржана размена на мислења за регионални прашања. Особено, беше изразен интерес за наоѓање договорено решение за ситуацијата околу нуклеарната програма на Иран и за понатамошна стабилизација во Сирија“, се додава во соопштението на Кремљ.
Засега за споменатиот телефонски разговор нема информации од кабинетот на израелскиот премиер кој изминатите деценија и половина одржуваше блиски односи со рускиот претседател од кого во честите посети на Москва редовно добиваше вредни артефакти за еврејскиот народ.
октомври 7, 2025