Култура
Студентката Марија Роглева освои втора награда за млади модни дизајнери на престижниот европски натпревар „Пјер Карден“

Студентката Марија Роглева од Факултетот за арт и дизајн при Европски универзитет – Скопје освои втората награда на финалето на европската награда за млади модни дизајнери „Пјер Карден“, во конкуренција од 450 пријавени студенти од повеќе европски земји, кое се одржа на 4 октомври во Божиќниот театар во Атина.
Како што соопштија од Европскиот универзитет-Скопје, Роглева се пласираше меѓу петте најдобри и ја освои втората награда која ѝ беше врачена лично од претседателот на групацијата „Пјер Карден“, Родриго Базиликати – Кјарден,
-Среќна сум за својот постигнат успех, кој го доживувам како голема мотивација за иднината“, изјави Роглева, додавајќи дека искуството од Атина ѝ донело важни лекции за професијата моден дизајнер.
На финалето учествувале 13 финалисти, кои се претставиле со свои креации на заедничка модна ревија. Тројцата добитници на првата награда ќе остварат четиримесечна пракса во студиото на „Пјер Карден“ во Париз.
Настанот бил збогатен со мултимедијална балетска претстава „Танц на галаксиите“ и модна ревија на висока мода од брендот „Пјер Карден“, а го проследиле над 1.500 посетители и новинари од неколку земји.
октомври 7, 2025