Connect with us

Култура

Скопје: „Една песна, една Европа“ – инспиративна порака за денешницата и иднината

Музичари од земји-членки на ЕУ и од Западен Балкан се собраа и се обединија во Филхармонијата во Скопје за да создадат нова интерпретација на „Ода на радоста“ – збогатена со уникатни звуци од својата земја. За само неколку часа тие свиреа сплотено, покажувајќи колку малку време е потребно луѓето да се здружат и да создаваат нешто заедно.

Покрај македонски музичари, имаше и претставници од Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Чешка, Франција, Германија, Косово, Црна Гора, Холандија, Србија и Словенија, преку кои креативната моќ од Европа се обедини во културната и комуникациска иницијатива на „Ви-Балканс“ (WeBalkans) – „Една песна, една Европа“. Спојувајќи ги традицијата, талентот и идеите, тие направија и многу повеќе – создадоа приказна што нè потсетува на суштинските вредности – единство, солидарност и мир, и ја раскажаа на универзалниот јазик на музиката.

– Кога станува збор за ЕУ и Западен Балкан, за мене тоа не се две различни целини, туку една – Европа. Нашите разлики не се важни, бидејќи музиката секогаш е чекор понапред за да нѐ зближи, вели Гент Руши, пијанист и хармоникаш од Албанија.

Генерации наназад, луѓето од земјите на ЕУ и Западен Балкан растеле и растат слушајќи ги истите песни, споделувајќи ги истите традиции и негувајќи ги истите вредности. За вокалната солистка Антонија Батиниќ од БиХ, музиката е универзален јазик што ги надминува зборовите.

– Јазикот е важен, но изразувањето преку музиката и моќта на самата музика зборуваат погласно од кој било текст, изјави таа.

Нејзиниот колега Марвин Дилман од Германија додаде дека иако навистина сме различни, поврзани сме и уживаме во нашите разлики – и музиката ни го овозможува тоа.

– Оваа иницијатива е доказ дека културата и натаму претставува мост којшто ги поврзува генерациите, земјите и аспирациите, вели Дино Шукало, музички продуцент.

Настапот во Скопје не беше само изведба на новата интерпретација на „Ода на радоста“, туку преку него традиционалните и модерните инструменти се споија во хармонија. Дритон Бејта, виртуоз на чифтели од Косово, ја сподели заедничката цел да се испрати порака дека заедно можеме да ги негуваме универзалните вредности, да ја славиме различноста и да градиме иднина која ќе се темели на мир, напредок и заеднички просперитет.

– Обединивме различни култури и идеи, преосмислувајќи нешто толку класично и традиционално како Бетовен со народна музика и етностилови. Пораката е јасна: Да се обединиме, да ги заборавиме границите, да свириме заедно, да се забавуваме, да не се делиме, туку да нѐ зближуваат креативноста и радоста, вели словенечката виолинистка и вокалистка Ана Мезгец.

Француската тапанарка Делфин Орели Лангхоф вели: – Иако не сме исти, бидејќи доаѓаме од различни култури, музиката покажува дека сме слични, а тоа што сме заедно нè возвишува.

Проектот „Една песна, една Европа“ ја истакнува и улогата на ЕУ во поддршката на културата и градењето заеднички културен простор. ЕУ вложува во уметноста, во прекуграничната соработка и во зближување на луѓето за да се надминат поделбите. Овие заложби покажуваат дека Европа е еден простор во којшто ЕУ и Западен Балкан ги делат истите вредности, стремејќи се кон напредок и подобар живот за сите.

Црногорската флејтистка Жана Лекиќ смета дека новата верзија на „Ода на радоста“ носи уметничка и политичка порака.

– Напредок е можен само ако сме обединети и ослободени од пречките и ограничувањата. Музиката ни ги покажува можностите што ги нуди соработката, ја истакнува вредноста на разноликоста и ја демонстрира моќта на уметноста за градење на општеството. Политиката е присутна во секој аспект од нашиот живот, па наша задача е да ја користиме уметноста за да кроиме политики што ќе бидат за наше добро, а не против нас, вели Лекиќ.

Пијанистот Мајк дел Феро од Холандија истакна дека оваа заедничка изведба на „Ода на радоста“ е симбол на единство.

– Без оглед на политичката припадност или верските разлики, оваа изведба ја пренесува пораката дека можеме да се сакаме и поддржуваме едни со други и сметам дека тоа е многу важно, изјави тој.

Кавалистот и кларинетист Милош Николиќ од Србија вели дека музиката е еден од најмоќните двигатели за колективна трансформација.

– Ако нешто може навистина да придонесе за развој на општеството, тоа е музиката – кралицата на сите уметности. Доколку нашите земји вложуваат повеќе во културата, општествата ќе цветаат. Секогаш им велам на родителите да си ги запишат децата во музички училишта, тоа е најдобрата инвестиција во нивната иднина, додаде музичарот.

За многумина, „Една песна, една Европа“ е можност да се запознаат и со бугарскиот инструмент гадулка. Споре Христина Белева, соработката е „светлина во нашите животи и ако се сосредоточиме на едноставните нешта, светот ќе биде подобро место“, како што вели Бугарката. Трубачот Петр Хармачек од Чешка се согласи дека заедничката изведба со музичари од балканските земји е прекрасно искуство и покажува колку сме сите поврзани.

За младиот македонски трубач Серџук Алимов, професорите велат дека таков талент се раѓа еднаш во векот. Неговата младост и брилијантност носат порака за денешницата и иднината: Кога инструментите свират како едно, а луѓето се здружуваат, Европа блеснува во полн сјај – обединета, живописна и единствена.

Следете ги содржините на „Ви-Балканс“ на нивната страница и на социјалните мрежи.