Свет
Политичката нестабилност во Франција ја загрозува целата еврозона

Овие настани се случуваат во момент кога Европа веќе се соочува со серија предизвици, како што се војната во Украина, притисоците од страна на американскиот претседател Доналд Трамп на меѓународната трговија и порастот на популистичките сили, што создава загриженост дека економијата на еврозоната би можела да биде сериозно загрозена, пишува порталот Политико.
Загриженоста расте и во Брисел и во другите европски престолнини, каде што официјалните лица предупредуваат дека авторитетот на францускиот претседател Емануел Макрон на меѓународната сцена, особено во врска со Украина и Газа, може да биде сериозно ослабен.
Некои коментираат дека политичката нестабилност во втората најголема економија на еврозоната може да ја загрози целата унија.
„Франција е премногу голема да пропадне. Оваа политичка нестабилност ја загрозува целата еврозона“, изјавил еден дипломат на ЕУ под услов на анонимност, наведува Политико.
Како што се нагласува во текстот, Франција е втора најголема економија во Европската унија, водечки играч во Г7, единствена нуклеарна сила во ЕУ и постојан член на Советот за безбедност на ОН. Подеднакво важно е што под Макрон, оваа политичка сила, која е еден од клучните актери во обликувањето на европските политики, можеше да парира само со Германија.
Сепак, Макрон веќе подолг период се соочува со притисок од крајната десница, предводена од Националното обединување на Марин Ле Пен, која води во анкетите, додека истовремено се обидува да го реши проблемот со големиот буџетски дефицит.
Набљудувачите не го исклучуваат дури и сценариото на Макронова оставка, иако неговиот мандат како претседател трае до 2027 година.
По падот на владата во понеделникот, француските берзи и државните обврзници бележат пад, додека еврото ослабува во однос на доларот.
„Еврозоната веќе има доволно проблеми. Не ѝ треба уште и ова“, рекол еден официјален претставник на владата од земја-членка на еврозоната.
Француските официјални лица се обидуваат да ја намалат сериозноста на кризата, нагласувајќи дека, и покрај сложеноста на ситуацијата, „пилотот сѐ уште седи во кокпитот“.
Во Брисел, некои дипломати веќе говорат за крајот на политичката кариера на Макрон, бидејќи, иако во 2017 година ја освои власта како симбол на промените, сега го гледаат како ослабена фигура, чие влијание во ЕУ брзо исчезнува.
„Не е добро за ЕУ ако една од нејзините најголеми членки е во криза, особено во актуелната безбедносна ситуација“, рекол еден официјален претставник од еврозоната.
Француско-германскиот тандем, традиционално клучен за функционирањето на ЕУ, е тешко да се замисли во овие околности, иако германскиот канцелар Фридрих Мерц, кого во Брисел го гледаат како попродуктивен од неговиот претходник, има своја важна улога, смета Политико.
„Франција ќе биде отсутна токму кога Русија врши притисок на европските граници, Кина ја зголемува индустриската конкуренција, а Трампова Америка дејствува непредвидливо. Во вакви услови, Франција не може да понуди она што е способна да го даде“, изјавил француски официјален претставник од кабинетот на министер во оставка.
Лидерот на Националното обединување, Марин Ле Пен, веќе ја искористила падот на владата за да ги повтори барањата за нови избори, а холандскиот десничарски лидер Герт Вилдерс порача дека времето на старите европски лидери истекло.
октомври 7, 2025