Култура
Омаж за Тома Прошев и концерт ,,Од класицизам до македонизам“ на квартетот „Stringendo“ во македонскиот КИЦ во Загреб

Омаж на дводомниот македонско-хрватски композитор Тома Прошев во пресрет на јубилејната 30-годишнина од неговата смрт и концерт „Од класицизам до македонизам“ на квартетот „Stringendo“ се одржаа во македонскиот КИЦ во Загреб.
Како што информира македонскиот КИЦ во Загреб, настаните ги проследиле претставници на македонските и хрватските институции и организации во Загреб, Македонци кои живеат, работат или се школуваат во Загреб и претставници на државната и локалната самоуправа во Република Хрватска.
Пред публиката и семејството на Тома Прошев се обратил македонскиот амбасадор во Република Хрватска Драган Ѓурчевски, директорката на македонскиот КИЦ во Загреб Мими Ѓоргоска Илиевска, парохискиот свештеник на МПЦ во Хрватска протореј ставрофор Кирко Велински и претседателката на Советот на македонското национално малцинство за град Загреб Иринка Ангелова Попржан.
– Реализацијата на овој проект на македонскиот КИЦ во Загреб, кој е дел од нашата годишна програма поддржана од страна на Министерството за култура и туризам е во насока на афирмација и негување на македонска класична музика и уметност. Овој пат акцентот е насочен на македонскиот композитор, диригент и музиколог Тома Прошев, кој голем дел од животот го поминува во Загреб и каде се создава голем дел од неговиот опус. Целта на проектот е неговите дела да станат подостапни за поширока публика која не ја познава големината и значењето на неговото дело за македонската и за хрватската култура. Концертот „Од класицизам до македонизам“ на квартетот „Stringendo“ е во насока на промовирање на македонската класична музика и македонската традиција, а воедно и интерпретација на дела од класицизмот, кои претставуваат никулец на инструменталната музика, изјави директорката на македонскиот КИЦ во Загреб, Мими Ѓоргоска Илиевска.
За ликот и делото на композиторот Тома Прошев, културен деец кој живеел и творел во Македонија и во Хрватска, сопствени спомени и историско-научни податоци споделиле неговата ќерка, проф. д-р Борјана Прошев-Оливер и неговиот најстар внук, композитор и музиколог проф. Томислав Оливер. Со изведби на клавирски дела од Тома Прошев учествувале студентите на Музичката академија во Загреб од Македонија: Виктор Рафајловски со делото „Варијации за клавир-Интима“, Андреа Николовска со делото „Арабеска и Токатина“ и Борјан Оливер, внук на композиторот Т. Прошев, со „Музичка сликовница“.
По омажот посветен на композиторот Тома Прошев, концерт „Од класицизам до македонизам“ одржал квартетот Stringendo во чиј состав настапуваат: Љубица Делева Поповска, виолина Олгица Шундиќ – виолина, Љупка Каевиќ – виолончело и Наташа Лазаревска – обоа.
Квартетот „Stringendo“ е специфичен спој на дувачки инструмент (обоа) со гудачки инструменти (две виолини и виолончело). Целта на неговото формирање е афирмација на македонската музика, а воедно и негување на класицизмот како важна епоха за развојот на инструменталната музика. Обоата со нејзиниот специфичен звук е често поврзана со звукот на изворните македонски инструменти, токму затоа таа има главна улога во нижењето на преубавите мелодии на македонската песна. Во последните години „Stringendo“ активно настапуваат во Македонија и во странство, а како најзначаени настапи може да се издвојат концертите во Рим и во Њујорк.
Овој настан македонскиот КИЦ во Загреб го организирал заедно со Советот на македонското национално малцинство за град Загреб.
октомври 7, 2025