Свет
Бардела: Глас против Европската комисија е глас за опстанок на Европа на слободните нации

Иницијатива за изгласување недоверба на Европската комисија нѐ доведува пред момент на вистината, а поддршката за неа нема да ја уништи Европа, туку ќе ја спаси, порача претседателот на Патриоти за Европа (PFЕ), Жордан Бардела од франциската крајнодесничарска партија Национаелен собир образложувајќи го предлогот на неговата пратеничка група за изгласување недоверба на ЕК на Урсула фон дер Лајен во Европскиот парламент во Стразбур.
„За нас Патриотите едно е сигурно. Ние ќе гласаме во корист на оваа иницијатива. Тоа е глас против Европа на Макрон, против Европа на Фон дер Лајен, а пред се тоа е глас за опстанок на Европа на слободните нации“, рече Бардела.
Истакна дека Европа не е машинерија, туку цивилизација која не може да се управува со наметнување стандарди без со согласност на граѓаните.
„Госпоѓо претседателке Фон дер Лајен, со години под ваше водство Европската Унија се движи брзоплето и безглаво без да знае каде оди“, истакна Бардела обраќајќи се кон претседателката на ЕК и обвинувајќи ја дека сонува за „Европа без влади“.
Бардела обвини дека Европската комисија со своите политика продолжува и со, како што рече, смешното проширување на ЕУ.
„Можеби во блиска иднина на нашата маса ќе седне и Турција, која е целосно туѓа за нашата цивилизација“, рече Бардела во текот на дискусијата по иницијативите за недоверба на ЕК предложени од неговата PFE и од пратеничката група на Левицата.
Според Бардела, „тажен симбол“ за политиките на Европската комисија се трговските договори со МЕРКОСУР и со САД.
„Со Америка на (претседателот Доналд) Трамп всушност потпишавте трговско предавство на Европа. Додека другите големи сили се борат напорно за да ги одбранат своите интереси, вие им предавате сѐ на нашите конкуренти на тацна, нашите фабрики, нашите работни места, нашата индустрија“, додаде Бардела.
Ја обвини ЕК дека предлага зголемување на следната буџетска рамка на ЕУ, додека во исто време од европските граѓани се бара „да го затегнат ременот“, како и дека ја саботира Заедничката земјоделска политика, намалувајќи ги за 24 отсто издвојувањата за земјоделците, кои, како што рече, им се неопходни за да преживеат.
Според Баредела, брзоплетоста на Европската комисија се гледа и во нејзините политики на бирократизација и илјадниците нови законски акти, со што ја ЕУ станала „светски шампион во бирократијата“.
„Правејќи го ова, ги казнувате нашите бизниси туркајќи ги кон намален раст и потпишувајќи им смртна пресуда. Првпат во педесет години, француската земјоделска трговска размена ќе биде во дефицит, а се чини дека ја убивте и европската автомобилска индустрија за многу наредни години“, рече Бардела
Се осврна и на миграцијата, обвинувајќи ја Европската комисија дека со Миграцискиот пакт сака да им воведе парични казни на земјите членки на ЕУ, принудувајќи ги да прифаќаат сè повеќе и повеќе мигранти на национално ниво.
„Наскоро нема да остане ништо од Европа, освен тажна слика со знамиња на Иран и Сирија“, рече Бардела.
Копретседателката на Левицата, Манон Обри, пак, образложувајќи ја иницијативата на нејзината група истакна дека Фон дер Лајен мора да замине од функцијата затоа што „капитулирала“ пред американскиот претседател Доналд Трамп.
„Капитулиравте не само со тоа што го поддржавте неговиот неоклонијален план за Газа, туку и со тоа што се откажавте од сите економски барања на Европа во корист на САД“, рече Обри обвинувајќи ја Фон дер Лајен дека ја довела Унијата во вазална позиција.
Оцени дека Европската комисија се однесувала спротивно на демократските принципи склучувајќи го Договор за слободна трговија со МЕРКОСУР, притоа игнорирајќи ги ставовите на националните парламентите и поткопувајќи го единството на земјите членки.
„Вие го убивате нашето земјоделство, нѐ труете со опасни пестициди и ја уништувате планетата. Затоа госпоѓо Фон дер Лајен треба да си заминете“, истакна Обри, обвинувајќи и дека ЕК повеќе се фокусира на економските интереси на големите корпорации, кои, како што рече, се одговорни за кршење на човековите права.
Според Обри, Фон дер Лајен мора да замине и затоа што таа е соучесник во геноцидот во Газа, со тоа што не презема ништо додека десетици илјади цивили и деца се оставени да гинат под ударите на израелските бомби.
„Вие одбивате да ги прекинете трговските односи со Израел и да воведете ембарго за оружје, во време кога го разгледуваме 19-от пакет санкции кон Русија“, рече Обри.
Ја обвини Фон дер Лајен и за соработка со десничарите и екстремните десничари, кои, како што рече, насекаде шират омраза, го криминализираат абортусот, дејствуваат против припадниците на ЛГБТ заедницата и му зариваат нож в грбот на владеењето на правото.
Според Одри, во услови кога Европската народна партија (EPP) на Фон дер Лајен создава нови мнозинства во Европскиот парламент со десничарските групи, иницијативата на Патриотите за Европа е целосно лицемерна.
„Госпоѓо Фон дер Лајен, 60 отсто од Европејците сакаат да ја напуштите функцијата. Треба да си заминете. Оваа иницијатива за недоверба, исто така, е момент за политичко разјаснување меѓу оние кои ги поддржуваат вашите политики кои се во полза само на мал број луѓе и на оние кои се борат против вас“, ѝ порача Обри на претседателката на ЕК.
Обри им се обрати и на пратениците од редовите на зелените и социјалдемократите, прашувајќи ги дали и натаму сакаат да поддржуваат администрација која е соучесник во геноцид и која наметнува трговски договори против волјата на граѓаните.
октомври 7, 2025