Живот
Зошто се бориме да ги заштитиме младите од родители теоретичари на заговори

Би-Би-Си
Истражувањето за смртта на Палома Шемиран, ќерката на еден британски теоретичар на заговори, беше како нешто излезено од ТВ-шоу.
Додека се одвиваше, медицинскиот свет се судри со „Земјата на заговори“ (Conspiracyland), со искусни лекари испрашувани во судници од луѓе кои веруваат во медицински дезинформации.
Палома Шемиран, дипломец на Универзитетот во Кембриџ од Источен Сасекс, почина во јули минатата година – седум месеци откако ѝ беше дијагностициран не-Хочкин лимфом, ѝ беше кажано дека конвенционалниот третман ќе ѝ даде голема шанса за преживување, но таа ја одби хемотерапијата во корист на алтернативни методи, како сокови и клизми од кафе.
Близнакот-брат на Палома, Габриел, одамна со прст укажува на нивната мајка Кејт. Тој силно верува дека верувањата на Кејт стојат зад одлуката на Палома да ја одбие хемотерапијата.
Истражната судијка Кетрин Вуд вчера рече дека Палома била „во голема мера под влијание“ на верувањата на нејзината мајка – како и на други, вклучувајќи семеен пријател и нејзиниот татко. Тие сите го застапувале алтернативниот третман кој таа го користела.
„Влијанието кое беше извршено врз Палома … придонесе повеќе од минимално за нејзината смрт“, рече истражната судијка.
Кејт Шемиран, поранешна медицинска сестра со 80.000 следбеници на Х, ја изгуби лиценцата за работа во 2021 – комитет на Советот за нега и акушерство откри дека таа ширела дезинформации за Ковид-19 кои „ја ставиле јавноста во значаен ризик од штета“.
Габриел вели дека неговото детство било проголтано од чудни дезинформации за тоа дека 11 септември бил „внатрешна работа“ и дека Кралското семејство се гуштери што го менуваат обликот. Пред сè, тој тврди дека тој и Палома биле изложени на лажни здравствени информации.
Кога последен пат зборувал со својата мајка по телефон, Габриел вели дека ѝ се заколнал дека ќе ја „смета за одговорна“.
Од своја страна, Кејт Шемиран останува цврста дека одлуката да се одбие хемотерапијата била целосно на Палома и таа промовирала низа непроверени теории обвинувајќи го NHS и лекарите за нејзината смрт. Таткото на Палома, Фарамарз Шемиран, изразил слични гледишта на судот пред истражната судијка.
И за време на истражувањето и кога ја контактиравме за првичната истрага, Кејт постојано ги отфрлаше сите обвиненија дека нејзините верувања или однесување одиграле улога во одлуките на Палома и на крајот, во губењето на нејзиниот живот. Ниту таа, ниту Фарамарз не одговорија на барањето за коментар за наодите од истрагата.
Вчера, истражната судијка пресуди: „Јас ја сметам грижата на госпоѓа Шемиран за нејзината ќерка како неразбирлива, но не и незаконско убиство. Се чини дека ако Палома била поддржана и охрабрена да ја прифати својата дијагноза и со отворен ум ја разгледала хемотерапијата, таа веројатно би го следела тој пат“.
Но, ова иницира пошироки прашања околу влијанието и импактот што теориите на заговори кои ги имаат родителите (каде верувањата одат далеку над вистински грижи) можат да го имаат врз децата, вклучувајќи возрасни деца.
И, за да се помогне во заштита на децата во најекстремни случаи, каде треба да се повлече линијата меѓу заштитата на детето и слободата на родителот да го воспитува своето дете според сопствените верувања?
„Огромен пораст“ на дезинформации
Откако првпат истражувавме што ѝ се случило на Палома, добивме десетици пораки од луѓе загрижени дека нивни сопствени роднини носат важни одлуки врз основа на медицински дезинформации.
Неколку беа од загрижени баби и дедовци, кои се плашеа дека нивните мали внуци не се вакцинирани против одредени болести како резултат на скептицизам кон вакцините. Една баба испрати е-пошта, очајно барајќи совет, бидејќи нејзината ќерка, сомнителна кон ММР-вакцината, одбивала да го вакцинира своето дете. Кога беше прашана, нејзината ќерка одби да ја промени одлуката, враќајќи назад псевдонаука од социјалните мрежи.
Опаднатата употреба на ММР-инјекцијата, која штити од сипаници, заушки и рубеола, неодамна предизвика загриженост кај лекарите.
Минатата година имаше 2.911 лабораториски потврдени случаи на сипаници во Англија, највисокиот број за една година регистриран од 2012. Досега оваа година, имало повеќе од 700 случаи.
На почетокот на оваа година едно дете почина во Ливерпул откако се зарази со сипаници.
Медицинските професионалци предупредуваат дека антимедицинските теории на заговор изгледа станале пораспространети.
– Мислам дека Ковид доведе до огромен пораст на дезинформации на социјалните мрежи, и пред научниците да можат да ја проверат или дури да знаат за тоа … тоа веќе добиваше замав“ вели Лиз О’Риордан, поранешен хирург за дојка. „Довербата во медицинската професија почна да паѓа“, додаде таа.
Според нејзиното мислење, последиците можат да бидат заканувачки по живот.
– Невакцинираните деца умираат од сипаници. Момчињата се стерилни од инфекции со заушки. Семејствата ќе пораснат без доверба во медицинските доктори – нема да одат на скрининг-тестови … Раковите ќе бидат откриени во подоцнежна фаза, зголемувајќи го ризикот од повторување“ тврди таа.
– Децата ќе ги слушаат разговорите што ги водат нивните родители … Слушањето информации од луѓе кои ги познаваш и во кои веруваш ќе биде поубедливо отколку да ги слушнеш од наставници или лекари, истакна О’Риордан.
Возрасните групи се најподложни
Лиз О’Риордан, која самата имала рак на дојка, често разобличува здравствени дезинформации онлајн.
Неколку луѓе кои ни испратија е-пошта со загриженост за верувањата на нивните роднини објаснија дека и тие се обиделе да ја проверат легитимноста на тие верувања, но им било тешко да откријат кој стои зад дезинформациите.
Ова е вообичаен проблем: акредитивите или мотивите на оние што шират медицински невистини често се прикриени.
Но, силата на самата заедница на дезинформации може да биде дел од проблемот, предупредува доктор Тимоти Хил, виш предавач на Универзитетот во Бат, кој истражува теории на заговор. Тој ја опишува како „голема онлајн и лице-в-лице заедница од луѓе кои се подготвени да примат нови луѓе во групата“.
Едноставно пребарување за информации на некоја тема понекогаш може да ги одведе луѓето таму.
– Луѓето завршуваат во алгоритамски предизвикана дупка од која излегуваат информации што го потврдуваат тоа што нивните родители го кажуваат, вели О’Риордан.
Како такво, секакви луѓе се подложни на верување или разгледување на дезинформации.
Студија објавена минатата година во списанието Political Psychology, која проучи анкетни податоци од речиси 380.000 луѓе на меѓународно ниво, сугерира дека оние под 35 години се повеќе наклонети да веруваат во теории на заговор во споредба со постарите групи.
– Тие често искусуваат пониска самодоверба, се чувствуваат исклучени од политиката и поверојатно е да се вклучат во неконвенционални политички акции што ги предизвикуваат постоечките норми, вели доктор Хил.
Доверба во родителите наспроти државата
Во теорија, децата треба да бидат заштитени. Секој возрасен може да изрази загриженост за благосостојбата на едно дете пред локалната власт, вклучително и ако постои грижа дека детето е повредено од верувањата на родителите.
Ако потоа се одлучи дека детето е во ризик од штета, може да се поднесе претставка до семејниот суд за наредби за да се заштити.
Но во реалноста, правни експерти велат дека прагот за интервенција е висок.
Адвокатката по семејно право Рејчел Фрост-Смит, правен директор во Birketts LLP, се сеќава на случај на кој работела, поврзан со мало дете и антиваксерските верувања на мајката.
Мајката не сакала да даде информации за вакциналниот статус на детето на таткото, кого Фрост-Смит го претставувала. Таа му покажала на таткото видеа од социјалните мрежи за да ја поткрепи својата скептична гледна точка за одредени вакцини.
– Сите тие беа од типот на жанр на теории на заговор, вклучувајќи видео кое тврдеше дека вакцините предизвикуваат аутизам“ се сеќава Фрост-Смит.
Судот пресуди дека детето може да ги прими своите препорачани вакцини. Сепак, во Обединетото Кралство нема закон кој наложува вакцинација – па ако двајцата родители се согласат дека не сакаат детето да биде вакцинирано, малку е веројатно дека ќе се донесе ваква пресуда.
Ситуацијата станува уште покомплицирана откако детето ќе наполни 18 години.
Истражителите слушнаа како Палома навистина разговарала со социјален работник додека живеела дома со својата мајка и останала цврста во тоа дека не сака социјалните служби да бидат вклучени во нејзиниот случај. Нејзиниот брат Габриел изразил загриженост и рекол дека бил разочаран што Палома не била посетена лично.
Фрост-Смит вели дека лекарите и социјалните работници се ограничени во тоа што можат да направат за да ги заштитат возрасните, вклучувајќи ги и оние кои изгледаат дека имаат „капацитет да носат одлуки дури и ако тие изгледаат како ’лоши‘ за други луѓе“.
Менување на законот: дебата
Еден лек, за кој се залагаат некои експерти, е менување на законот.
Мајкл Престон-Шут, почесен професор по социјална работа на Универзитетот во Бедфордшир, тврди дека законодавството во Англија би можело да се измени за да биде можно социјалните работници да имаат налог да интервјуираат едно лице самостојно – без да има потреба да преземаат правни дејства. Ова веќе е случај во Велс и Шкотска.
– За жал, има премногу случаи каде практичарите не можат да стигнат до поединци затоа што некој друг им застанува на патот, вели тој.
Но Ијан Менсфилд, директор за истражување во Policy Exchange, повикува на претпазливост.
– Мислам дека овој термин „дезинформации“ би можел да се искористи за да се навали таа рамнотежа во прилично опасна насока – од родителите во корист на државата, која дури и ако сега веруваме дека дејствува добро, може во иднина да не дејствува добро. Сето тоа всушност се враќа на тоа кој ги дефинира дезинформациите, вели тој.
– На кого му ја давате таа моќ? Дали сакате да и ја дадете на една влада? Дали сакате да и ја дадете на голема корпорација или на еден поединец милијардер? Мислам дека овде треба да бидеме на страната на довербата во родителите, додава Менсфилд.
„Вистината не е секси или возбудлива“
Потоа постои прашањето колку одговорност треба да сносат социјалните мрежи.
Законот за онлајн безбедност, воведен во Обединетото Кралство во 2023, бара големите компании за социјални мрежи да преземат обврски за отстранување на нелегална содржина и заштита на децата од штетни објави – но тоа е помалку јасно кога станува збор за справување со легална содржина која би можела да се смета за штетна.
Исто така, постои комплексна средина околу регулацијата на социјалните мрежи, вклучувајќи ја и платформата Х, каде Илон Маск ги промени правилата за модерација откако ја презеде контролата.
– Невозможно е да се издигнеш над бучавата, бидејќи вистината не е секси или возбудлива, а повеќето доктори и научници немаат време или вештини да се спротивстават на тоа, вели Лиз О’Риордан.
За неа, сегашните нивоа на регулација на социјалните мрежи не се доволни.
Сепак, Менсфилд повторно предупредува за претпазливост околу менување на правилата за да се потпреме повеќе на компаниите за социјални мрежи да одредуваат што е безбедно.
– Би бил многу претпазлив да кажам дека мислиме оти големите корпорации, без разлика кој ги поседува, треба да предводат во одлучувањето што е дезинформација и што треба да цензурираме, вели тој.
Значи, дали решението може да биде пошироко, без вклучување на регулација на владино или корпоративно ниво – туку наместо тоа, корисниците самите подобро да се опремат за да можат да одредат што е вистина?
Учење да се препознаат предупредувачки знаци
– Треба да ги учиме децата во училиште како да ги толкуваат медицинските тврдења кои ги гледаат онлајн, како да проверуваат факти, да размислуваат самостојно, да не веруваат во сè што гледаат или слушаат“ тврди О’Риордан.
Таа сака тие, како што вели, да препознаваат предупредувачки знаци – и „да им се даде храброст да го преиспитуваат тоа што нивните родители го велат“.
Сето ова се надоврзува на тоа што и Габриел вели дека го искусил. За него, „кислородот на теориите на заговор е изолацијата“. Откако отишол во средно училиште и се оддалечил од својот дом, бил „присилен да ги преиспита (своите) верувања бидејќи луѓето не се согласувале“.
Ниту Кејт Шемиран, ниту Фарамарз Шемиран не одговорија на барањата за интервју пред завршувањето на истрагата.
Претходно тие напишаа до Би-Би-Си велејќи дека имаат докази дека „Палома починала како резултат на медицински интервенции дадени без потврдена дијагноза или законска согласност“.
Би-Би-Си немал увид во никакви докази што би ги поткрепиле овие тврдења.
Габриел, сепак, истрагата за неговата сестра близначка ја гледа како повик за будење, тој смета дека општеството предолго ги разочарува оние чии родители веруваат во теории на заговор.
– Ние како општество треба да престанеме да ги правиме теоретичарите на заговор циркуски животни, тврди тој, бидејќи тие не се „безопасни“.
„Исто така треба да сфатиме дека патот до тоа да станеш теоретичар на заговор е многу пократок отколку што мислиш“.
октомври 4, 2025