Connect with us

Вести

Мицкоски: СДСМ и ДУИ се подготвени на секакви отстапки на штета на Македонија, а за лична корист

СДСМ и ДУИ се подготвени на секоја отстапка, на секој попуст кој може да се направи на штета на Македонија и тоа би го направиле веднаш и сега само да имаат лична корист, истакна вечерва во Битола претседателот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Лидерот на владејачката партија и премиер посочи дека кога од СДСМ се удираат во гради за некаков патриотизам, тогаш најмногу ја продаваат и предаваат Македонија.

-Самиот Заев кажа дека на СДСМ не и прилега да биде патриотска партија, иако денес зад т.н. црвени линии се крие неговиот ученик Венко Филипче. Тие црвени линии се уште една спакувана лага од СДСМ. Кога најмногу се удираат во гради за некаков патриотизам, тие во суштина во тој момент најмногу ја продаваат и предаваат Македонија. Тие го потпишаа договорот со источниот сосед, а со тоа ја отворија Пандорината кутија што претставуваше мотив за неколку години потоа да го прифатат т.н. Бугарски диктат за кој што самиот Филипче говореше дека практично го чувал идентитетот и ако го чувал идентитетот, тогаш зошто денеска се потребни црвени линии ако бил зачуван идентитетот со прифаќањето на Бугарскиот диктат. Затоа ќе кажам, се додека е оваа Влада и се додека јас сум претседател на оваа Влада, за нас постојат само едни линии, а тоа се само македонските линии, истакна Мицкоски.

На вечерашниот митинг во Битола, пред членовите на ВМРО ДПМНЕ и членови на партиите од коалицијата „Твоја Македонија“, Мицкоски посочи дека доаѓа време на одговорност и правда.

-Пред 15 месеци затекнавме распаднат систем, трули институции и напластени проблеми. Темелите градевме полни ео ентузијазам и енергија. Надежта не ја загубивме. Затоа овие избори се одлука за тоа дали ќе продолжиме напред или ќе се вратиме назад. Нашата цел е Битола да биде град на нови перспективи. Со работа, со визија и со искрен однос ќе продолжиме да ја градиме Битола достојна на својата историја. Во оваа прилика на градоначалникот Коњановски му предлагам веднаш на почетокот од вториот мандат градоначалникот Тони Коњановски да определи парцела која ќе ја даде за откуп на млади брачни парови по едно евро за квадрат, ослободени од комуналии. Така младите брачни парови ќе изградат свој дом и тој дом ќе го наполнат со дечиња. Многудетното семејство е највисок патриотски чин, нагласи Мицкоски.

На митингот во Битола, програмските приоритети во вториот мандат ги презентираше актуелниот градоначалник Тони Коњановски непропуштајќи да потсети на владината поддршка што ја добива општината.

-Со мојот тим ќе продолжиме да привлекуваме инвестиции за да ги задржиме младите дома. Ќе ја јакнеме локалната економија со социјален напредок. Уверен сум дека заедно можеме се да направиме. Новиот мандат не е само моја мисија, туку заедничка мисија, посочи Коњановски.

На вечерашниот митинг беше претставена и кандидатската листа за членови на Советот на Општина Битола.