Свет
Ујвари: ЕУ не планира да ги конфискува замрзнатите руски средства

Најавените планови на Русија за национализација и продажба на приватни средства во сопственост на странски субјекти, е сосема различно од она што го планира ЕУ со замрзнатите руски суверени средства, изјави денеска портпаролот на Европската комисија за економија и буџет Балаж Ујвари.
– Кога ќе ги погледнете медиумските извештаи што дојдоа вчера, јасно е дека зборуваме за различни работи. Русите зборуваат за приватни средства, а ние не зборуваме за приватни средства, зборуваме за суверени средства. Русите зборуваат за конфискација, заплена, а тоа не е она што го правиме ние и што го имаме на ум. Така што постојат некои фундаментални разлики. Ние нема да ги чепкаме, повторувам, нема да ги чепнеме руските приватни средства, додаде Ујвари.
Тој појасни дека она што го планира ЕУ со замрзнатите средства во сопственост на руската држава, не е нивна конфискација и никој нема да го оспори сопственичкото право на Русија врз нив.
На прашање што планира да преземе ЕУ доколку Русија ги реализира ваквите најави, главната портпаролка на Европската комисија, Паула Пињо изјави дека не би сакала да говори за можни сценарија и опции, туку треба да се почека и да се види што ќе се случи.
Во однос на резервите на белгискиот премиер околу плановите на Еврокомисијата за користење на замрзнатите руски средства, од кои најголемиот дел се депонирани во „Еуроклир“ во Брисел, за исплата на т.н. заем за репарации на Украина, Пињо истакна дека Белгија не може да биде единствената земја членка на ЕУ што би го презела ризикот, туку тој треба да се распредели „на грбот на сите“.
Пињо додаде дека на деталите за овој план се работи во моментов, при што ќе се земат предвиди и дискусиите од вчерашниот неформален Самит на ЕУ во Копенхаген, по што ќе биде доставена конечната верзија на предлогот.
Ујвари, од своја страна, додаде дека при реализацијата на овој план ќе важи принципот на споделување на ризикот.
– Никој не очекува Белгија сама да го преземе целиот ризик. Го разгледуваме принципот на колективно споделување на ризикот и тоа останува главниот принцип во оваа иницијатива. Како тоа ќе се одвива во пракса, не можам да шпекулирам во овој момент. Постојат различни опции за да се направи тоа, но денеска не можам да дадам дополнителни детали, истакна Ујвари.
Тој нагласи дека иако најголемиот дел од замрзнатите руски средства се наоѓаат во „Еуроклир“, тоа не значи дека ќе се користат само тие, повторувајќи дека се ќе биде познат откако ќе биде изработен целосниот план, за кој разговара како во рамките на ЕУ, така и со меѓународните партнери на Унијата, пред се оние од Г7.
Ујвари истакна и дека информациите за руските планови за конфискација на приватни странски средства јасно покажуваат дека санкциите на ЕУ кон Русија функционираат многу добро, нешто што го потврдуваат и податоците за економската состојба на земјата.
– Нивното влијание ќе биде уште поголемо како што се движиме кон усвојување на 19-тиот пакет санкции, за кој во моментов се дискутира во Советот на ЕУ, додаде Ујвари.
октомври 3, 2025