Општини
Пецаков: Изборна програма со визија за модерен, дигитален, економски силен и зелен Охрид

Новата изборна програма е плод на темелна анализа, со визија за модерен, дигитален, економски силен и зелен Охрид, кој живее во хармонија со своето езеро и културно наследство. Во програмата, голем дел од нашата енергија е посветен на изградба на современа општинска инфраструктура, истакна кандидатот за градоначалник на Охрид Кирил Пецаков поддржан од Коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
Пецаков кој е актуелен градоначалник на Охрид пред јавноста истакна дека во наредниот мандат ќе се спроведе реконструкција на Кеј „Македонија“ и дел од булеварот „Туристичка“, изградба на уште една катна гаража и на Младински културен центар, уредување на кејот во Пештани и на Градскиот пазар, проекти за канализација и патишта во Трпејца, Долно Лакочереј, Орман, Чекоштина и други населени места, потоа инвестиции во училиштата и детските градинки, вклучувајќи и поставување фотоволтаици за енергетска ефикасност,…
– Ќе го воведеме Охрид во дигитална ера. Ќе ги дигитализираме јавните услуги и ќе ја зголемиме транспарентноста. Ќе воведеме QR-кодови за документи, плаќање такси преку СМС и дигитализација на седниците на советот. Граѓаните ќе може електронски да ги поднесуваат барањата и да го следат статусот на своите предмети, рече тој, притоа најави и поддшка на локалната економија со поддршка на малите бизниси и занаетчиството, како и со привлекување странски инвестиции и формирање локален иновациски фонд за млади претприемачи.
Цел на идната локална власт ќе биде, како што рече, „чиста, зелена и енергетски ефикасна општина, за што веќе Советот на општина Охрид ја изгласа физибилити студија“.
– Продолжуваме со организација на редовни акции за чистење на езерскиот брег, поставување модерни корпи за селекција на отпад и засадување нови дрвја. Ќе работиме на заштита на езерото преку строга контрола на отпадните води и ќе ги субвенционираме граѓаните за соларни панели. Во областа на туризмот, ќе ја промовираме нашата дестинација како одржлива и инклузивна. Ќе изработиме Стратегија за туризам 2025-2030, со фокус на еко, културен и авантуристички туризам, рече Пецаков.
Во областа на културата како срце на градот, тој најави реконструкци на домовите на култура во Љубаништа, Кошишта и населбата „Радојца Новичиќ“.
– Ќе ја поддржуваме традицијата, и покрај постоечките Вино фест, Охрид Ватер Фестивал, Џез фестивал, како и Коктел фест, ќе воведуваме и нови настани, како Охридски џез фестивал со интернационална вечер и Фестивал на креативни индустрии, рече тој
Пецаков ја искористи можноста да потсети на реализираните активности во мандатот што истекува, од изградба и реконструкции на училишта и градинки, преку подобрување на патната инфраструктура, до инвестиции во спортот, културата и животната средина. Секако тука го наведе и деблокирањето на општинската сметка и раздолжувањето на Општината од долгот што изнесувал, како што рече, околу 14 милиони евра.

Во оваа прилика пред граѓаните се обрати и носителот на Листата советници на „Твоја Македонија“, Перчо Божиновски, кој рече дека листата ги обединува искуството и младоста, енергијата и мудроста, визијата со традицијата.
– Тим чесни, вредни и посветени луѓе кои работат за доброто на Охрид, кои ги споделуваат проблемите и соништата на граѓаните, кои не ветуваат чуда, туку макотрпна работа и одговорност, рече тој.
октомври 3, 2025