Connect with us

Свет

Нови демонстрации низ цела Франција на повик на синдикатите, но со помала излезност

Француските синдикати денеска започнаа нов бран демонстрации барајќи од новиот премиер на земјата, Себастијан Лекорни, „да обезбеди мерки за социјална правда“ во нацрт-буџетот.

Планирани се околу 250 собири и маршеви низ целата земја, при што се очекуваат од 300.000 до 350.000 луѓе, вклучувајќи 20.000 до 40.000 во Париз, наведуваат властите.

Првиот бран вакви протести беше организиран на 18 септември, а се верува дека на улиците се собраа од 500.000 до дури и повеќе од еден милион луѓе.

Протестите се насочени кон буџетските мерки што летово ги заговараше доскорешниот премиер Франсоа Бајру, кои треба да го намалат државниот дефицит, а чија влада беше соборена на 8 септември.

Новиот премиер Лекорни вети намалување на државниот буџет, но и одредени „фундаментални прекини и промени“ во буџетските прашања.

Неговиот кабинет денеска објави дека проучува неколку начини за намалување на даноците во корист на работниците.

Министерството за транспорт објави дека брзите возови и јавниот превоз во Париз работат нормално.

Студентите организираа блокади и штрајкови на неколку универзитети низ целата земја, кои беа откажани поради апсења и прекини во сообраќајот.

Досега е одржан протестен марш во Марсеј, а еден е закажан за Париз подоцна попладнево.