Свет
Четири лица повредени во напад во близина на синагога во Манчестер

Четири лица се повредени во британскиот град Манчестер во напад во близина на синагога, соопшти полицијата.
Полицијата добила повик за возач кој го забрзал својот автомобил кон толпа луѓе и за човек избоден со нож во близина на синагогата во Крампсол, Северен Манчестер. Се известува и за застрелан маж, за кого се верува дека е напаѓачот.
Локални медиуми известуваат за засилено полициско присуство во областа. Медицински екипи со возила на брза помош се забележани на местото на инцидентот, облечени во панцири и шлемови. Најмалку едно лице било однесено со брза помош, велат очевидци.
„Брзата помош пристигна на местото на настанот […] и се грижат за граѓаните, сега имаме четворица граѓани со повреди предизвикани од автомобилот и со убодни рани“, објави локалната полиција на социјалната мрежа Икс.
Локалната служба за итни случаи потврди дека испратила тимови на местото на настанот. – Во моментов ја проценуваме ситуацијата и работиме со други членови на службите за итни случаи, посочија оттаму.
Градоначалникот на Манчестер, Енди Барнам, го оцени инцидентот како сериозен.
– Би ги советувал луѓето да го избегнуваат подрачјето. Ова е сериозен инцидент, но во исто време можам веднаш да ги уверам луѓето дека непосредната опасност помина, а полицијата во Манчестер реагираше многу експедитивно, изјави градоначалникот за радио Би-Би-Си.
Британскиот премиер Кир Стармер денеска изјави дека е ужаснат од нападот во близина на синагогата во Манчестер, а тоа што нападот е извршен за време на еврејскиот свет празник Јом Кипур, според него, го прави „уште поужасен“. Тој најави дека поради нападот ќе си замине порано од самитот на Европската политичка заедница во Копенхаген и ќе се врати во Велика Британија.
октомври 3, 2025