Connect with us

Свет

Писториус: Концептот со „ѕид од дронови“ во моментов не е приоритет

Министерот за одбрана на Германија, Борис Писториус, ја отфрли замислата за изградба на „ѕид од дронови“ со цел да се заштитат државите од Источна Европа од руските воздушни напади, наведувајќи дека тоа не е од најголема важност во овој момент.

„Многу ја ценам идејата за ѕид од дронови, но треба да обрнеме внимание на прилагодувањето на нашите очекувања. Тоа не е концепт што може да се реализира во следните три или четири години. Мора да размислуваме и да дејствуваме според приоритетите, а мислам дека има и други. Потребни ни се поголеми можности и поголеми капацитети“, изјави Писториус за време на неговото излагање на Варшавскиот безбедносен форум, како што пренесе бриселски „Политико“.

Како итни работи, тој ги спомена прилагодливите процеси на усовршување и набавка, со цел да може да се одржи темпото со брзината со која напредува технологијата. „Одбрана од дронови – да, но не со ѕид од дронови“, подвлече тој.

Претходно, во текот на својот говор, еврокомесарот за одбрана, Андријс Кубилијус, истакна дека во моментов способностите на ЕУ за откривање непријателски дронови се прилично ограничени. Според него, државите од ЕУ поседуваат добри способности за откривање и одбрана од авиони и „можеби ракети“, но не и од дронови, особено доколку тие летаат на многу мали височини.