Connect with us

Општини

Пет лица хоспитализрани на штипското Инфективно одделение, 10 се водат во дневна амбулатна по труењето со сендвичи во штипска сендвичара

Пет лица се хоспитализирани на Одделението за инфективни болести во штипската Клиничка болница откако добиле симптоми на труење по јадење сендвичи во сендвичарница-киоск во близина на штипско средно училиште. Надлежните од Клиничка болница-Штип информираат дека сите пациенти се од истото училиште.

-Во моментот на Инфективно се хоспитализирани петмина, а уште десет се во дневна болница. Пациентите се во стабилна состојба, информираат од штипското Инфективното одделение.

Епидемиологот во Центарот за јавне здравје – Штип Светлана Живкова утринава  за МИА изјави дека земени се примероци од инкриминиранaта храна за лабораториско испитување и брисеви од работните површини, а резултатите ги очекуваат најдоцна до утре и ќе ги објави Институтот за јавно здравје.

-Направивме епидемиолошко анкетирање на сите пријавени лица. Извршена е едукација на вработените во однос на начинот на спремање на храна, складирање, чување на храната, на лице место тоа е спроведено. Дополнително се дадени предлог мерки и земени се брисеви од вработените. Направен е и вонреден санитарен предглед, им е направен и плус се земени мостри од храна за испитување, вели  Живкова.

Таа посочи дека објектот е затворен и од Државен здравствен и санитарен инспекторат (ДЗСИ) и од Агенцијата за храна и ветеринство. Живкова додава дека денеска ќе се изврши и дезинфекција по биолошки индикации и механичко чистење на објектот.

Во текот на вчерашниот ден Агенцијата за храна и ветеринство информираше дека по добиена пријава од Центарот за јавно здравје Штип  дека пет лица се здобиле со симптоми на труење, извршиле инспекциски надзор во сендвичарата, земени се примероци од инкриминираната храна за лабораториско испитување и брисеви од работните површини. По наредба на инспекциските служби на АХВ сендвичарата е времено затворена со до добивање на резултатите од лабораториските испитувања, со кои ќе се потврди нејзината безбедност.

Мајка на дете кое по труењето заврши на Инфективното одделение во Клиничка болница-Штип изјави дека нејзиното дете симптомите ги добило по консумирање на сендвич со пилешки стек и компири.