Свет
Сијарто повторно ја обвини Хрватска дека се обидува да го монополизира снабдувањето со нафта

Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто денеска повторно ја обвини хрватската Влада дека сака да профитира од војната во Украина и да стекне монопол врз снабдувањето со нафта за Унгарија и Словачка.
„Колку и да го негира тоа хрватската Влада, тие сигурно сакаат да профитираат од војната во Украина. Тие значително ја зголемија транзитната такса за испораките на нафта низ Хрватска од почетокот на војната, а сега сакаат да ја оневозможат нашата земја да купува руска нафта за да стекнат монопол над нас и на тој начин да заработат уште повеќе пари“, напиша Сијарто на Фејсбук.
Тој додаде дека Јадранскиот гасовод сам по себе не може да ги снабдува Унгарија и Словачка.
„Врз основа на спроведените тестови, овој гасовод едноставно не е способен континуирано и сигурно да го транспортира количеството нафта што ни е потребно“, рече Сијарто.
Тој вчера изјави дека Хрватска ја користи кризната ситуација и наметнува воена репарација на суровата нафта што и ја испорачува на Унгарија. За време на престојот во Њујорк, Сијарто рече дека унгарската Влада нема да дозволи алчноста на Хрватска за профит да ги поткопа резултатите од намалувањето на цените на комуналните услуги.
Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ вчера одговори на тврдењата на Сијарто дека Хрватска е „воен профитер“ и изјави дека е обратно и дека тоа, како што наведе, може да го каже некој што е „изразито безобразен“
„Со огорченост ја отфрлам лажната теза дека Хрватска е воен профитер. Напротив, Хрватска е добар и чесен сосед“, рече Пленковиќ.
септември 29, 2025