Connect with us

Свет

Данска забрани цивилни дронови пред ЕУ-самитот во Копенхаген

Данска воведе забрана за сите цивилни летови со дронови во пресрет на неформалниот Самит на Европската Унија во Копенхаген в среда, соопшти министерот за транспорт Томас Даниелсен.

Според него, мерката е донесена за да ѝ се олесни на полицијата обезбедување на настанот, поради зачестени „инциденти со дронови“ над воени бази и аеродроми. Само во изминатата недела, поради неидентификувани летала, привремено беа затворени аеродромите во Копенхаген, Осло, Алборг и Билунд.

Забраната ќе важи до 3 октомври, а прекршителите се соочуваат со парични казни или затвор до две години. Данска во моментов претседава со ЕУ.

Министрите за одбрана на десет земји-членки на Унијата веќе договорија создавање „ѕид од дронови“ како заштита, додека НАТО најави зголемена будност во регионот на Балтикот.

Данската премиерка Мете Фредериксен изјави дека властите сè уште истражуваат кој стои зад овие напади, но не ја исклучи Русија. Москва, пак, негираше било каква вмешаност, нарекувајќи ги обвиненијата „неосновани“.