Вести
Мицкоски: Кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ за локалните избори се луѓе со дела зад себе, тие се ваши пријатели, а не функционери

Една Кампања е обид да се преточат визијата и идеите во зборови, симболи и дела што ќе стигнат практично до секое срце. Но, кампањата не смее да биде театар на празни ветувања, таа треба да биде мост помеѓу вистината и надежта, да ја покаже искрената намера, а не да замаглува со илузии. Таа е момент на убедување, но и момент на огледало, таму се гледа и народот, и човекот кој се кандидира, и нивната меѓусебна искреност.
Очекувањата секогаш се високи. Народот очекува подобар живот, сигурност, правдина и перспектива. Но во суштина, тој очекува нешто уште подлабоко, достоинство и човечност.
Да не биде излажан, да не биде третиран како средство, туку како цел за чија благосостојба мора да се работи одговорно. И мојот однос во политиката секогаш бил искрен, со срце и со чест кон работите.
А што всушност претставува вистински политичар? Не е тој кој умее најгласно да зборува или највешто да манипулира. Вистински политичар е оној кој умее да слуша, да разбере и да понесе товар кој не е само негов. Политичарот треба да е чувар на заедничкото добро, а не на сопствениот комфор. Политичарот е човек. И како човек мора да се однесува, како човек мора да работи, како човек мора да верува, да се надева и да помага, затоа што основната карактеристика на нас луѓето треба да е токму човечноста, токму онаа подадена рака, онаа помош која избираме да ја дадеме на некој во потреба, токму она сочувство и разбирање на проблемите на другиот и нашата одлука да бидеме до него кога му е најтешко, кога сите ќе заминат, кога неговите надежи ќе пропаднат, а апатијата ќе го обземе. Нашата одговорност како луѓе е да бидеме она што се очекува од нас, луѓе!
Да не заборавиме дека под титулата и протоколот има исто срце што чука, исто семејство што го чека, исто достоинство како секој друг. Да бидеме со народот, но и да бидеме водени од неговата волја и неговата болка за која мора да помогнеме.
Да бидеме ЧОВЕК кој знае дека моќта е минлива, но делото и доблеста остануваат.
И во животот е многу важно да се направи вистинскиот избор. Животот се состои впрочем од правање избори.
А изборот е момент на одлука. Некогаш одлуките се тешки, некогаш и лесно препознатливи. Но и тогаш кога изборот е лесно препознатлив, најчесто е многу важно да се донесе вистинската одлука. Кампањата е патот до таа одлука. А вистинскиот политичар – ако е човек пред сè – станува сведоштво дека политиката може да биде благородна, и дека водството е форма на служба, а не на власт.
Денес сме собрани токму за такви луѓе. За кандидати што доаѓаат пред вас не со празни зборови, туку со дело зад себе. За луѓе кои со сите предизвици со кои се соочуваа и ќе се соочуваат, ја знаат тежината на довербата и светоста на дадениот збор. За луѓе што сакаат да бидат ваши соседи и пријатели и тогаш кога ќе ја носат одговорноста како градоначалници, но и кои ќе останат да бидат покрај вас и тогаш кога нема да бидат функционери.
За луѓе! За вашите луѓе! За твојот човек, за твоето место, за твојата иднина.
Затоа денес, со гордост, денес, ги претставувам и поддржувам нашите градоначалници и кандидати, и идни градоначалници, луѓе што во изминатите четири години покажаа што значи да се работи со визија, со чесност и со упорност. Луѓе што оставија зад себе проекти што ги променија општините, нови училишта, реновирани улици, паркови, канализации, дигитални услуги за граѓаните. Тоа не се зборови, тоа се дела.
Во изминативе 4 години, од кои цели три години беа со жесток отпор и кочница од централната власт, заедно градоначаниците на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата изградија и реконструира улици, булевари, патишта во вкупна должина од над 770 километри во вкупна вредност од околу 100 милиони евра.
Направени се речиси 47 километри нови водоводи, изградени се канализации од должина од речиси од 91 километар.
Драги пријатели браќа и сестри.
Сакам да ве замолам заедно да испратиме една јасна порака, јасна и гласна порака до оние коишто се уште сонуваат дека можат да ја делат Македонија, до оние коишто се уште мислат дека живеат во национал романтичните соништа од минатиот век, до оние коишто 7 години ја пустошеа, ја понижуваа, ја засрамуваа Македонија и граѓаните во Македонија, до оние политичари коишто поради преголемата лична фрустрација и желба за власт заслепени од немоќта тоа да го реализираат, најчесто навредуваат, но тоа и толку не боли бидејќи се навикнавме на тие луѓе, повеќе боли тоа што според однесувањето кон сопствената партија каде што ги крадат буквално ги крадат сопствените членови можете да видите како тие ќе се однесуваат и кон државата и кон ресурсите на државата. Затоа ве молам заедно на овие три групи на луѓе да им испратиме една порака: Македонија ќе успее! Македонија ќе победи! И ќе ве победи! И нема назад! Ќе ги поразиме сите ваши интриги, сите ваши тажни обиди да не инволвирате во вашите предавства, сите ваши афери и апатијата која ја создадовте, затоа што во нас чука срце, затоа што ние сме луѓе кои сакаме, живееме за идеја и мечтаеме, затоа што ние живееме со проблемите на луѓето и се бориме и ќе се бориме да ги подобриме животите на сите и покрај вашите опструкции планови и деструкција! Ќе ве победиме! Ви ветувам дека и на овие избори ќе ве победиме! Македонија ќе победи!
Драги пријатели,
Денес стојам пред вас со крената глава и со огромна одговорност. Поминавме многу, преживеавме тешки години на порази и предизвици, години во кои изгледаше дека надежта е изгубена. И како што велат старите – „по мракот, сонцето повторно изгрева“. Ние денес стоиме заедно со вас, горди и исправени, но свесни дека вистинската работа е сè уште пред нас.
Пред само една година ја затекнавме државата во најтешка состојба во современата историја: разурнати институции, корупција која метастазираше во секое ќоше на системот, инфлација која го јадеше семејниот буџет, задолжувања и долгови што ги чувствуваме до ден денес, сиромаштија и бесперспективност, иселување на младите. Се чувствуваше дека државата е без кормило и без насока.
Ние влеговме во оваа борба не за фотелји, туку за иднината на Македонија. Ги градевме темелите на промените, и денес можам да кажам дека првите чекори се направени. Пред нас е време кога резултатите стануваат видливи, кога доаѓа подобро и поуспешно време за секое семејство.
Ова го повторувам и сакам да се знае, дека сме свесни за очекувањата коишто се огромни. Знам дека довербата што ја добивме е света. И токму затоа, не смееме да разочараме. Нашата должност е макотрпна работа, посветеност и чесност.
Денес ги промовираме нашите градоначалници, луѓе кои во изминатите години покажаа што значи да се биде од помош на народот. Луѓе што работат со чесност, со отворени врати, со близина до граѓаните. Луѓе што веруваат во еден едноставен принцип: политиката не е привилегија, туку одговорност. Но покрај нашите поранешни градоначалници, тука се и кандидатите за градоначалници и идни градоначалници, да ги поздравиме Диме, Јовица, Тони, Пецак, Александар, Тозо, Никола, Нико, Спасе, Онер, Златко, Сашко, Дејан, Петар, Мите, Доне, Љупче, Марија, Ѓоко, Славе, Ѓорѓе, Иле, Марјан, Наталија, Ѓоко, Драганчо, Стевче, Сашо, Злате, Иван, Марко, Владко, Дејан, Оливер, Иван, Петар, Мите, Тони, Тодорче, Диме, Аце, Борче, Коста, Киро, Дејан, Даниел, Виктор, Аце, Бошко, Борчо, Орце, Боби, Аце, Дарко, Зоран, Ерџан, Мирослав, Бети, Јане, Сотир и Жаре.
Сакам да им порачам на сите градоначалници, и оние што се реизбираат и оние што првпат застануваат пред народот: вашиот мандат е договор со граѓаните. Службата е чест, но и обврска. Да бидете транспарентни, достапни, чесни, и да мерите сè со резултатите, а не со зборови. Вашето досегашно искуство да го претворите во предност, а вашата визија и програма да ги претворите во реални дела и проекти кои ќе го подобрат животот на граѓаните. Тоа е нашата заедничка мисија и цел.
Нашата Влада со одговорноста која ја има превземено на претходните избори во следниот период ќе се фокусира на две клучни и многу значајни теми:
Прво, борбата против корупцијата. Нема напредок без чесност. Нема правда без одговорност. Корупцијата е данок врз сиромашните – и мора да ја искорениме. Ќе биде или правда и ред, или нема да ја биде државата! Или корумпираните политичари, мафијаши или Македонија! Ние ќе бидеме во првите редови на страната на Македонија и нејзините граѓани! И тоа ќе го видите!
Второ, животниот стандард на граѓаните. Нашата должност е да создадеме услови за достоинствен живот, повисоки плати, пристојни услови за сите, пристоен живот за пензионерите, стабилни цени, поддршка за семејствата. Во услови на сериозни економски проблеми, инфлација која и во светот тешко може да се смири, ние имаме одговорност и обврска да донесеме мерки и чекори кои ќе бидат од корист за граѓаните и кои ќе го зголемат и подобрат нивниот стандард.
Но не застануваме тука. Ќе работиме на здравство достапно за сите, образование кое создава шанси, екологија која ќе обезбеди чист воздух и вода, модерна инфраструктура, силно земјоделие и дигитализација што ќе ја поедностави секоја услуга. Имаме доста планирани проекти и мерки. И ако првата година беше година на консолидација наредните ќе се години на длабоки и интензивни мерки и проекти!
Успеавме да се консолидираме, после изборите почнуваат години на развој!
Драги сограѓани, живееме во време на глобални предизвици. Европа се соочува со економски турбуленции, светот ги репреговара своите односи. Тешко се живее во светот. Тешко се живее и во Европа. И тоа може да ви го каже секој нашинец кој отишол таму за подобар живот. Нашата обврска е да создадеме услови да се вратат, да создадеме верба и систем кој ќе функционираат рака под рака, да создадеме држава во која ќе има ред и ќе има можности.
Но тешката ситуација во светот е и шанса, државите кои ќе изградат капацитет и дома, ќе бидат победници утре. Државите кои ќе веруваат во себе и кои ќе имаат јасен план како во овие времиња, ќе успеат да фатат приклучок и да добијат она коешто го заслужуваат, а тоа е заслуженото место. Ние сакаме Македонија да е една од тие држави.
И додека ние се бориме за чесна и успешна Македонија, гледаме за што се борат нашите противници. Гледаме дека нашите противници повторно се обидуваат со трикови и празни декларации да го измамат народот. Најавуваат некакви „црвени линии“ за Бугарија, но во суштина знаеме што вредат и колку вредат и колку траат нивните декларации. Но она што уште не можам да разберам е на кого му праќаат сигнал? На кого се заложници? До кога ќе трае нивниот аранжман?
Народот не е наивен. Народот добро ги памети. Ги паметиме сите нивни изјави од минатото, нивните предавства, нивните лаги. И токму затоа, овој пат ќе има казна уште поголема казна на овие избори споредено со претходните.
Нивните црвени линии вакви или такви, препознатливи или непрепознатливи нема да дозволам да се црвени линии кои ќе отсликаат контури на ново предавство во иднина, ако им се дозволи да го реализираат нивниот план.
Запрашајте се зошто пред избори оваа тема ја наметнуваат? Повторувам и не знам и се чудам на што се надеваат, до кого го испраќаат овој сигнал. Но нашиот народ покажал низ вековите дека е мудар, добро памети до пред само една година каква власт имаше СДСМ и ДУИ и што направи. Ги памети и оние траги-комични изјави за македонската жица која свири во душата на нивниот поранешен премиер и сегашен гуру, ги памети и изјавите дека Уставот нема да се менува и ветувањата кои ги даваше додека сите овие сега кои се во раководството му ракоплескаа. Сега таа иста екипа нуди резолуција која и самите знаеме дека и таква каква што е нема да ја почитуваат. Но повторно го поставувам прашањето кој ги тера? За кого работат? До кога ќе им трае аранжманот?
Поради оваа ароганција и поради многу други работи таа партија и тие луѓе мора жестоко да се казнат на овие избори, затоа што продолжуваат да го потценуваат сопствениот народ, и сакаат повторно со триковите од пазарите од Горни Милановац да го прелажат и наместо сопствениот народ тие да имаат поинакви приоритети. Но тоа нема да го дозволиме! Ние ќе стоиме рамо до рамо со народот затоа што нам не ни се важни фотелјите и немаме трговски зделки преку кои распродаваме идентитет и историја. Нам ни е битна Македонија, македонските црвени линии и македонските интереси!
Затоа најпрво СДСМ нека направи саморефлексија, нека напише за почеток едно соопштение, и нека даде изјава со која ќе се извинат на македонскиот народ за предавствата кои ги направија, и ќе посочат за што точно и од кого се извинуваат, и нека се променат еднаш засекогаш. Тие за жал наместо да се променат пробуваат се обидуваат со истите трикови да се борат. Ќе ви кажам во суштина што е нивната борба!
Се борат заедно со Али Ахмети ДУИ и тоа е јасно како бел ден, и тоа ние го гледаме на секој чекор. Се борат за да се вратат на власт да продолжат по старо, се борат за да и помогнат на Бугарија да ја матира Македонија, се борат за да се допаднат на сите освен на својот народ. Се борат за да го заштитат криминалот преку нивните обвинители и судии кои не процесуираа ниту една кривична пријава нив. Тие се борат за нивните лускузи, тие се борат за нивните раскошни домови, нивните украдени пари и нивните заложени и уценети глави. Тоа е тоа за што тие се борат, за друго ништо.
Нив не ги интересираат ниту членовите на СДСМ, не ги интересираат граѓаните на Македонија. Овие, пак, од ДУИ кои што уште слепо го слушаат Али Ахмети, нив па, најмалку ги интересираат Албанците и останатите етнички заедници. Нив ги интересираат само кога треба да ги злоупотребат и кога треба да гласаат за нив, а потоа со своето неработење и корупција придонесуваат истите да се иселат од државата, исто како што на измамнички начин повторно сакаат да им подметнат на македонците, буквално, со истите трикови.
Нашата обврска, почитувани, е да стоиме рамо до рамо со народот. Нам не ни се важни фотелји, туку Македонија и нејзините интереси. И ќе истраеме во тоа.
Драги сограѓани, нашите програми за општините се подготвени од експерти, врз основа на идеи на граѓаните, со искуство од светот и најдобрите практики, како што кажав. Во секој план има конкретни мерки и проекти. Владата ќе обезбеди финансиска поддршка за клучните општински приоритети, од водоводи и канализации, до училишта, градинки, зелени зони, дигитални услуги, економски мерки за развој и раст.
Скопје, Битола, Прилеп, Тетово, Куманово, Охрид, Штип, Кочани, Кавадарци, Струмица, Чаир, Карпош, Центар и другите, буквално секоја општина ќе добие своја шанса, свој развој, своја иднина.
Во Скопје, нашите кандидати ќе продолжат да се борат за чист воздух, паметен сообраќај и модерен јавен превоз.
Во Битола, каде културата и енергијата се спојуваат, продолжуваме со инфраструктурен економски и индустриски развој и заштита на зелените површини, се разбира.
Во Прилеп, градот на тутунот и занаетчиството, веќе имаме изградени нови улици и училишта, а следуваат и многу нови проекти за сите генерации посебно за младите.
Во Охрид, бисерот на нашата земја, ќе реализираме многу инфраструктурни зафати, но приоритет останува заштита на нашиот бисер, Охридското езеро; новите планови се посветени на туризмот и на заштитата на културното историското наследство, но и економијата и стандардот. Тие се, исто така, наш приоритет.
Во Куманово, веќе имаме нови паркови и социјални програми, а сега ќе продолжиме со силен фокус на канализации и локални патишта, на училишта, градинки, економски развој и директна поддршка за населението.
Во Штип, универзитетскиот град, вложуваме во образованието и иновациите за младите, но и во проекти за постарите, и економски мерки за работниците.
Во Кочани и Виница, во срцето на источниот регион, инвестираме во земјоделие, во модерни системи за наводнување и поддршка на локалните производители. Ќе има доста проекти од локалната самоуправа и од оштините, но и од владата. Луѓето оправдано имаат очекувања, и тоа се региони од каде иселувањата се драматични, мора да ги задржиме луѓето тука, да веруваат во својата земја и во перспектива во својата земја.
Во Кавадарци, градот на виното, градот на лозјата продолжуваме со поддршка за земјоделците и изградба на инфраструктура која ќе го зајакне локалниот бизнис.
Во Струмица, ќе се гради нова ера на локален развој преку индустриски зони и модерни јавни услуги.
И секоја друга општина, секој град и секое село, ќе добие своја шанса, свој развој, своја иднина.
Овие програми не се декларации напишани зад затворени врати. Како што кажав, тие се создадени со учество на граѓаните, со експерти, со искуства од позитивни практики во Европа и во светот. Во нив има конкретни проекти, мерки, рокови. Во нив има визија, но има и план.
Драги мои,
Што е изборот ако не огледало на нашата совест и на нашите соништа? Не е тоа само парче хартија, не е тоа само бројка во статистика. Изборот е мигот кога човекот решава на кого ќе му ја довери својата надеж, своето утре и иднината на своите деца. Во тој миг, секој од нас станува и политичар, и судија, и визионер.
А кампањата? Кампањата е патување. Таа е разговор со народот, средба со неговите болки и со неговите соништа. Кампањата е време кога зборовите се мерат со срцето, кога секое ветување мора да носи тежина, кога секој гест станува порака. Но кампањата, ако е чесна, е повеќе од борба за гласови, таа е борба за доверба.
Очекувањата секогаш се високи. Луѓето сакаат подобар живот, но уште повеќе сакаат достоинство. Сакаат да бидат слушнати, почитувани, признаени. Да знаат дека нивниот труд, нивната мака и нивната љубов кон оваа земја имаат смисла.
Затоа вистинскиот политичар не е оној што најубаво зборува, туку оној што најмногу слуша. Не е оној што ветува најмногу, туку оној што го исполнува со најмногу чесност.
Како што кажав. Тој пред сè мора да е човек. Човек што знае да се исправа пред народот со чисто срце, човек што ја чувствува болката на другиот како своја, човек што верува дека функцијата е должност, а не награда.
Денеска сме собрани токму за таквите луѓе. Јас верувам во нив.
Како што рече Нелсон Мандела: „Секогаш изгледа невозможно, додека не се направи.“ и навистина е така, некои работи делуваат невозможни додека не се направат.
Ние сме тие што мора да го направат невозможното возможно. Нема друг пат. Не постои друг избор!
Човечноста не се мери со функција, ниту со титула, туку со способноста да ја почувствуваш болката на другиот како своја и радоста на другиот како најголема победа.
Твоето место е повеќе од адреса на мапа. Тоа е улицата по која чекориш секое утро, училиштето каде твоете деца учат, пазарот каде купуваш, паркот каде седиш со пријателите. Твоето место е коренот на твоите соништа, домот на твојата надеж. Ако го сакаш, ќе го градиш; ако го градиш, ќе го засакаш уште повеќе. Мора заедно да си помагаме тоа да биде подобро и поубаво.
Твојата иднина е заеднички пат. Таа не е далечна слика, таа почнува денес, со секоја одлука што ја носиме заедно. Во иднината ќе се огледа сето она што ќе го оставиме на нашите деца, дали тоа ќе бидат шанси, достоинство и надеж, или долгови, сиромаштија и разочараност. Нашата должност е иднината да ја направиме подобра од сегашноста, и да создадеме причина од која ќе се гордееме.
И токму тука се спојуваат сите три, човечноста, местото и иднината, во едно:
Вистинскиот избор. Затоа што токму – Вистинскиот избор е оној што ја чува човечноста, го гради твоето место и ја создава твојата иднина.
Ако денес ме прашате што ме држи буден ноќе, не се тоа говорите или рекламите или настапите на телевизија, не се протоколите, не се салите полни со луѓе. Тоа се списоците што ги носам во мислите, на недовршените улици, неосветлените училишни дворови, незагреаните училници во кои седат наши деца, на предизвиците со кои се среќаваат нашите луѓе. Тие списоци се мојата будилка. Тие ме потсетуваат дека да се биде политичар не е награда, туку должност; не е титула, туку товар што мораш да го носиш со чест и одговорност.
Како што рекол Аристотел: „Целта на некој кој води не е да владее, туку да служи.“
И само така, преку служење на соствениот народ, еден ден, кога ќе се завртиме назад, ќе кажеме: тука почна новиот стандард, не затоа што беше лесно, туку затоа што беше чесно и мерливо. Еден ден ќе бидеме горди што сме изградиле нови училишта и градинки, што сме ги обновиле улиците и парковите, што сме создале можности за младите да останат овде. И повторувам, не затоа што било лесно, туку затоа што било исправно.
Денес не бараме аплауз за ветувањата, туку доверба за работа. Зашто вистинската награда не е во аплаузите, туку во животот што ќе го направиме за некого да биде подобар.
И резултатите ќе дојдат, ќе бидат за сите, не за привилегираните. Како што рече Абрахам Линколн: „Најдобриот начин да ја предвидиш иднината е да ја создадеш.“
Ние вечерва не ја предвидуваме, ние ја создававме и ќе продолжиме да ја создаваме, за секое дете, за секое семејство, за секој човек што верува дека достоинствен живот во своето место е право, а не луксуз.
Со еден избор продолжуваш напред.
Со друг – се враќаш назад.
Твоето место е дел од твојата душа.
Твојот човек е оној што секогаш е тука.
Твојата иднина е она што заедно го создаваме.
А сите три ги поврзува… Вистинскиот избор!
И кога ќе дојде денот на одлука, и ќе стоиш со пенкалото во рака пред ливчето,
ќе знаеш дека одговорот го носиш во себе. Во срцето. Во погледот. Во улицата. Во промената што веќе почна. Во најдоброто што допрва доаѓа.
Затоа – за себе, за твоите најблиски, за времето кое доаѓа – направи го:
Вистинскиот избор!
За твојот човек!
За Твоето место!
За твојата иднина!
Драги пријатели, со крената глава и со многу работа пред нас, ве уверувам: Македонија ќе успее и Македонија ќе победи!
Бог да ја благослови Македонија!!!
Ви благодарам.
септември 27, 2025