Свет
Германска левичарска екстремистка осудена на пет години затвор за напади во Будимпешта

Судот во Минхен денеска ја осуди на пет години затвор левичарската екстремистка, идентификувана само како Хана С, поради тешки телесни повреди и други обвиненија поврзани со напади врз десничарски екстремисти во Будимпешта.
Обвинителството бараше девет години затвор за обид за убиство, но судот изрече значително пониска казна. Пресудата може да биде обжалена. Одбраната побара ослободување и отштета за времето поминато во притвор.
Процесот започна во февруари, а Хана С беше обвинета дека е дел од група која планирала насилни акции против европски неонацисти што во февруари 2023 година се собраа во Будимпешта за годишна комеморација на нацистите и нивните унгарски соработници.
Обвинението ја товари за учество во два напади, при што биле користени палки, чекан и спреј со бибер. Во првиот напад маж добил тешки повреди на главата, а во вториот жртвите имале модринки и исеченици.
Судијата ги нарече инцидентите „лов на луѓе“ што не може да се оправда, дури и со перцепцијата дека властите прават премалку во борбата против десничарскиот екстремизам.
Пред донесувањето на пресудата, поддржувачи на Хана С протестираа пред затворот Штаделхајм, каде што се одржуваше судењето во високообезбедена сала.
Во истрагата за т.н. „Будимпештански комплекс“ се вклучени повеќе лица. Во јануари седуммина се предадоа на властите, а шестмина од нив се соочуваат со обвиненија пред Вишиот суд во Диселдорф. Меѓу нив е и Маја Т, небинарна личност екстрадирана во Унгарија минатата година, која сега е дел од постапката во Германија.
септември 27, 2025