Свет
Анкета на ЈуГов: Најџел Фараж на пат да стане следниот британски премиер

Лидерот на Британската реформска партија, Најџел Фараж, би можел да стане следниот премиер на Велика Британија, покажуваат резултатите од најновата анкета на „ЈуГов“.
Проекцијата на „ЈуГов“, базирана на примерок од 13.000 гласачи собрани во последните три недели, предвидува дека Британската реформска партија би освоила 311 од 650 места во Долниот дом, што е за 15 места помалку од формалното мнозинство, објави денеска „Скај њуз“.
Резултатите од анкетата укажуваат на големи загуби кај лабуристите и конзервативците.
Според проекцијата, лабуристите би освоиле 144 места, додека конзервативците би паднале на 45, што би ги ставило на четвртото место за првпат во историјата.
Либералните демократи би освоиле 78 места, Шкотската национална партија 37, Зелените седум, „Плејд“ шест, а три места би им припаднале на левичарите.
Проекцијата навестува дека партијата на Фараж би го постигнала најголемиот пресврт во британската историја, од сегашните пет на помеѓу 306 и 311 места, додека три четвртини од нејзините нови места би дошле директно од Лабуристичката партија.
Најсилната поддршка партијата би ја имала во североисточниот дел на Англија, Источен Мидлендс и Велс, додека Лондон и Шкотска би биле послаби области.
Во националната распределба на гласовите, Реформската партија би имала 27 проценти, Лабуристичката партија 21 процент, Конзервативците 17 проценти, Либералните демократи 15 проценти, Зелените 11, Шкотската национална партија три проценти и Плејд еден.
Проекциите имаат значителна маргина на грешка, при што бројот на пратенички мандати за Реформската партија веројатно ќе варира од 271 до 342.
септември 27, 2025