Connect with us

Култура

Воли Фистер: Во Битола разговараме за снимањето на филмска лента

Во Битола, токму тука разговаравме со колегите за тоа колку дициплинирани не држеше снимањето на филмска лента, истакна лауреатот Воли Фистер, годинешен добитник на наградата Специјална Камера „300“ за особен придонес во светската филмска уметност.

Во изјава за медиумите, американскиот оскаровец Фистер нагласи дека за него многу е убаво кога се гледа филм снимен на филмска лента во кино сала.

-Токму овде во Битола разговаравме со некои колеги за тоа колку дициплинирани не држеше снимањето на филмска лента. Тогаш имаме строг, цврст распоред за тоа како ќе работиме. Имавме негатив кој требаше да се развие во лабораторија, така што целиот процес на снимање поради тоа беше многу постегнат и подисциплиниран. Сметам дека многу е убаво што снимањето на филмска лента се одржува во живот и многу е убаво кога се гледа филм снимен на филмска лента во кино сала, нагласи Фистер.

Според Фистер, разочарувачко и загрижувачко е што повеќе нема каде да се прикажуваат филмови снимени на филмска лента.

-Уште поголем проблем е исчезнувањето на кино салите, се помалку луѓе одат во кино да гледаат филмови, а треба да се задржи публиката зошто тогаш има колективна енергија и тоа е нешто неповторливо. Можеби би требало филмовите прво да се прикажуваат во кино салите па потоа на платформите е начинот да се задржат кино салите и публиката, посочи Фистер.

Наградата Специјална Камера „300“ на Волтер Воли Фистер ќе му биде врачена утревечер кога во Битола завршува 46-то издание на ИФФК „Браќа Манаки“.