Култура
Се интезивира македонско-турската соработка во кинематографијата

Институтот „Јунус Емре“ и Турскиот театар во Скопјe, во рамки на фестивалската програма на ИФФК „Браќа Манаки“, одржаа панел посветен на новите перспективи за заеднички македонско-турски проекти.
Пред аудиториумот во Битола говореа водечки личности од денешната турска филмска индустрија, режисерот, сценарист и продуцент Мурат Фиратоглу, продуцентот Ипек Ерден и режисерот, сценарист и продуцент Бурак Чевик. Особен акцент беше ставен на филмот на Мурат Фиратоглу „Еден од деновите кога Хеме умре“, кој веќе освои престижни награди – Специјалната награда на жирито на 81-от Филмски фестивал во Венеција и наградата за најдобар филм на 31-от Филмски фестивал „Златен бол“ во Адана.
Учесниците говореа за предизвиците и можностите што ги носи дигиталната ера, за перспективите на меѓународните копродукции и за тоа како театарот, киното и ТВ-сериите можат меѓусебно да се инспирираат и збогатуваат.
Со оваа интензивна презентација на искуства и идеи, турско-македонската соработка во кинематографијата добива поттик за нова динамика и отвора пат за идни заеднички проекти, градејќи мостови на културна размена и заемна инспирација меѓу двете земји.
Во рамки на фестивалот „Браќа Манаки“, турското Министерство за култура и туризам и Амбасадата на Турција приредија прием на продуценти, режисери и филмски уметници од двете земји, како и интернационални гости на Фестивалот.
септември 25, 2025